Брзо, лесно и едноставно до прекрасно декорирани велигденски јајца

637

Наближува најголемиот христијански празник Велигден. Празник што ги тера домаќинките да размислуваат на кој начин оваа година ќе ги вапсаат и украсат велигденските јајца.

Во минатото јајцата се вапсувале со лушпа од кромид и со магдонос и се шарале со восок и ливчиња од растенија, но денес има многу нови и забавни техники што даваат преубави резултати. Еве неколку од нив, па вие одберете на кој начин ќе ги украсите вашите велигденски јајца.

Техника мозаик
За овој тип вапсување на јајцата ви се потребни стандардните бои за јајца, кои се раствораат во студена вода, малку изолир-лента и сварени јајца.
Откако ќе ги сварите јајцата, најпрво вапсајте ги во една боја, најдобро е тоа да биде посветла, па оставете ги да се исушат. Потоа исечете ја изолир-лентата на ситни делови во различни облици – триаголници, кругови… и залепете ги на јајцата, оставајќи простор меѓу парчињата. Потоа така подготвените јајца вапсајте ги во потемна боја од претходната и оставете ги да се исушат. На крајот тргнете ги парчињата лента и ќе добиете преубави мозаик-јајца.

Техника декупаж
Декупажот е една од најлесните и најинтересни техники за украсување на велигденските јајца. Покрај сварените јајца (најдобро бели), потребни ви се само шарени салфетки, ножички, изматена белка, мало четче и малку љубов и добро расположение.

Додека се варат јајцата, подгответе ги салфетките. Исечете мали цветни детали, зајачиња, ливчиња, пајчиња или што било друго. Разматете ја белката и започнете. Со четчето премачкајте го делот на јајцето каде што саката да ја лепите шарата. Поставете ја шарата и нежно со четчето нанесете уште еден слој белка, колку само целосно да се натопи салфетката. За побрзо да се сушат, најдобро е оваа техника да ја правите на топли (не врели) јајца.

Техника со пена за бричење
Со оглед на тоа што ова е техника со која нема да погрешите при украсувањето и декорацијата на вашите велигденските јајца, ви препорачуваме ги вклучите и вашите деца, кои веруваме дека ќе уживаат. За реализација на оваа техника, покрај сварените јајца, кои сѐ уште се топли (не врели), потребни ви се течни бои за јајца или за колачи, пена за бричење, длабок плех, стара крпа или парче картон, врз кои ќе ги ставате јајцата, кујнски бришачи или салфетки и заштитни ракавици.
Во длабок сад прекријте ги со пената за бричење и врз неа ставете по неколку капки од бојата, така што ќе си направите комбинации по ваша желба (сина галаксија, црвено-жолт пламен, зелено-жолт колаж и др.). Во пената извалкајте ги јајцата (кои претходно сте ги избришале од водата) и ставете ги на картонот (15 минути) да се сушат. Потоа со кујнски бришач или салфетка нежно отстранете ја пената и ќе добиете прекрасно декорирани јајца.


Техника со ориз

Ова е уште една во низата лесни и едноставни техники за украсување јајца, која нема да ви одземе многу време и нема да направите неред во кујната. За нејзина реализација ви се потребни: мала подебела кеса (со зип-лента), ориз, течна боја за јајца или колачи, заштитни ракавици или лажица и, се разбира, сварени јајца.
Во кесата ставете две-три лажици ориз, додајте неколку капки од бојата и добро измешајте, за оризот да се обои. Потоа во кесата ставете едно јајце и протресете го со оризот. За секоја различна боја користете нова кеса и ориз. Ќе добиете прекрасни јајца украсени со стотици мали точки.