Бојкот на изборите значи поддршка на власта

Прекрстувањето на државата и бришењето на македонизмот не се завршени работи доколку се мобилизираме против тоа. Само масовно учество на претседателските избори ќе го означи стартот на борбата за опстанок на македонскиот народ. Нема други алатки што ни стојат на располагање. Македонците не се подготвени за револуции, а нема ни лидер што ќе ги поведе. Бесрамната „шарена револуција“ ја реализираа петтоколонаши на Сорос и УСАИД, кои беа платени за тоа. Затоа, мораме да ги користиме сите демократски средства за да успееме. Сите заложби за бојкот на изборите мора да престанат, бидејќи го затвораат случајот. Со излегување на изборите ние не ја признаваме измислената новоименувана држава, која е веќе тука, со променет Устав, преку срамни манипулации. Понижувајќи нѐ сите, власта ја регистрира и низ светот.

Позицијата во која сме доведени е застрашувачка и изгледа нерешливо, ама, за среќа, не е така. Решение и излез секогаш има, само треба посветено да се бараат. Главата горе, Македонци, борбата дури сега почнува. Ако сме достојни на името што долго го носевме, ако навистина сме горди на самите себе и на нашите дедовци, не смееме да капитулираме, иако власта потпиша таков мизерен договор. Првиот чекор е победа на претседателските избори. Потоа ќе треба да се форсираат парламентарни избори, за да се земе и извршната власт и чекор по чекор да се врати сѐ што може од загубеното. Ако бојкотираме, остануваме таму каде што сме. Прекрстени и понижени. Големи битки загубивме поради нашите предавници ама војната мора да ја добиеме. На потег сме.

Државата е прекрстена, а македонскиот народ разнебитен и ако веднаш не се преземе нешто, тоа останува засекогаш. Затоа, повиците дека треба да се бојкотираат претседателските избори со кои, демек, новата држава би добила легитимитет се апсолутно погрешни и значат поддршка на власта. Ако изборите не успеат, а само тоа е целта на бојкотот, тоа е повторно во корист на власта. Тоа ќе биде нејзина победа, а ние ништо не сме постигнале. Бојкотот ќе значи само премолчена согласност со нелегалните промени, кои се трагични за македонскиот народ. Со масовно излегување на изборите, практично треба да започне борбата за исправање на капитулантските потези на власта. Мора да се направи сѐ за да се победи на нив. Друг избор и начин – нема.

Неприфатливи се сите повици за бојкот, бидејќи предизвикуваат колебање, премислување и делење на народот, кој во голем дел е против капитулацијата на власта.

Нема идеален кандидат, ниту ќе го има некогаш, а сега прашањето за Македонците е да се биде или не, и дилеми не смее да има. Само единствени можеме да победиме. Нема простор за лични фрустрации или продавање памет. Бојкотот е знак на неодговорност. Мораме да спасиме сѐ што е можно. Власта прифати наше разнебитување и така како што беше, никогаш веќе нема да биде.

Беше логично и умно да се бојкотира референдумот, и беше сериозна грешка што не се повика официјално и јавно на таков чекор. Сега е сосема поинаку. И да се изгубат изборите, ако се случат поголеми злоупотреби и манипулации, или ако има непринципиелни коалиции и влијание од надвор, или ако народот покаже индолентност… – не е крај на светот. Со учество на изборите само тргнуваме во офанзива за спречување на геноцидот врз Македонците. Евентуалниот неуспех ќе сигнализира дека мора да се премине на порадикални методи и чекори, кои потоа би се дефинирале. Единствено наша победа, која нема да биде воопшто лесна, може да донесе промени и нови процеси. На тоа мора да работат сите патриоти и добронамерници, без оглед на своите лични уверувања.

Залажувањата на поединци дека ништо не е загубено, дека тие се чувствуваат Македонци и тоа никој не може да им го избрише, се или несвесни изрази на очај или намерно лажење и манипулирање со јавноста. По Втората светска војна, во Бугарија имаше повеќе стотици илјади Македонци, од кои речиси 200 илјади, и покрај стравот во коски, така се регистрираа и на попис. Сите тие така се чувствуваа. Прашање е дали денес таму ги има неколку десетици илјади? Бугарија изврши геноцид врз нив. Присилно ги асимилира со добро испланирана политика на НЕПРИЗНАВАЊЕ. Не им позволуваше училишта на мајчини јазик, забрануваше јавно изразување на македонски национални чувства и вршеше разновиден жесток притисок за да ги уништи како такви. Времето си го направи своето. Истото тоа, ама со посурови мерки и политики и подолго време, се прави и во Грција. И таму имаше стотици илјади НЕПРИЗНАЕНИ Македонци, кои сега повторно се сведени на десетици илјади.

Истата судбина нѐ чека и нас, иако во нешто подобри услови. Тоа е неизбежно. Според договорот, и ние сме НЕПРИЗНАЕНИ, бидејќи за светот веќе нема да постоиме како Македонци. Тоа ќе бидат измислените од Грција. Власта прифати да се брише сѐ што е наше и македонско. Нашите национални институции веќе не смеат да го носат предзнакот „македонски“, ќе се прекрстуваат улиците со име Македонија, ќе имаме албански и турски театар ама не и македонски… Нашето одродување ќе биде поспецифично од претходните и, секако, ќе трае подолго. Најтешко беше да почне тоа, бидејќи никој не можеше да нѐ прекрсти без наша согласност. Сега, кога се најдоа такви предавници, сѐ друго е обична техника, која ќе се приспособува на условите и постигнатите резултати и, ако не се спротивставиме одлучно, задачата целосно ќе се исполни. Во прашање е само време, а на душманите не им се брза. Цели 30 години нѐ малтретираа и тормозеа за да прифатиме капитулација како народ и, еве, се случи тоа. Нашиве генерации, барем добар дел од луѓето, носат силно македонско чувство. Целта на нашите „преродбеници“ од странство е тоа постепено да се гаси. Нормално, ќе преземаат и соодветни мерки во таа насока. Како изгледа, ќе нѐ фрлаат во прегратка на источниот сосед, сѐ додека не сфатиме дека навистина сме биле неосвестени „Бугари“. Што мислите, зошто Брисел толерираше масовно да ни се делат бугарски пасоши? Или, зошто се воведува двојазичност? Едниот дел на Македонија (ќе) се албанизира и ќе гравитира кон Косово и Албанија, а другиот (ќе) се турка во прегратка на Бугарија. Границите нема да се менуваат, бидејќи тоа би значело нова балканска војна, ама Македонците (ќе) се бришат.

Сите капитулантски чекори на власта водат во тој правец. На секој што ги следи состојбите му е јасно дека е таа само извршител на туѓи планови, чија цел е финално прекројување на Балканот. Македонија капитулира, следна ќе биде Србија поради Косово и, на крајот, на ред ќе дојде и Босна, која е најкомплициран случај. Секако, не се наивни масовните протести во Србија (нивна „шарена револуција“), косовската војска и царините, како и информациите дека САД веќе подготвиле договор. Нашата вина за дереџето во кое се најдовме е огромна. Не само на сегашните капитуланти.

Сите години на независност, никој од нашите политичари, апсолутно никој, не беше подготвен да се соочи со процесите со кои очигледно се разнебитуваше македонскиот народ и се затвораше „македонското прашање“, камоли да се обиде да ги спречи. Така беше бидејќи сите знаеја дека од другата страна на барикадата е светскиот хегемон – САД, а не Грција. И, логично, никој не се осмелуваше да бара анализа зошто Македонците како народ се неприфатливи за САД? Може само да се претпоставува што е погубна политичка позиција.

Оваа власт, која ни ја донесоа странците, уништи сѐ што макотрпно се градеше од 2 август 1944 година, а беше започнато векови пред тоа. Десетици илјади комити, партизани и сите други борци за македонската кауза, кои ги жртвуваа своите животи за нашата слобода, се превртуваат во гробовите. Ни определија нова држава без корени и своја историја, како тие да не постоеле… Ќе се формира некаква нова и овој пат навистина измислена нација. Некои веќе ја нарекуваат северџанска… Трагедија до трагедија.

Сите на избори, до конечна победа.
Напред, Македонија!