Борисов и Рама разговараа за најтешката тема

132

Бугарскиот премиер Бојко Борисов по средбата што ја имаше во Тирана со својот албански колега Еди Рама изјави дека 2-3 држави на ЕУ сè уште се неодлучни што се однесува на почетокот на преговорите со Албанија за членство во ЕУ, но повеќето земји на ЕУ се на мислење дека Албанија треба да добие датум и отворен пат за почеток на преговорите за влез во ЕУ.
– Западен Балкан е најтешката тема што може да се реши, но е многу значајна бидејќи ако еден сосед на Балканот е во тешка состојба, тогаш и другите држави се во тешка состојба. Поради тоа, неопходно е регионот да има добра соработка, бидејќи и перспективите би биле поголеми за сите земји во регионот – нагласи Борисов во Тирана и додаде дека се прават напори и оние држави што сè уште не се определени кога е во прашање Албанија, да се убедат дека таа треба да добие почеток на преговорите.
Албанскиот премиер Еди Рама изрази голема благодарност за поддршката од Бугарија, која е претседавач на ЕУ, со цел Албанија и Македонија да ги почнат преговорите со Унијата. Рама, говорејќи за исполнувањата на условите за ЕУ, рече дека ЕУ бара од Албанија и усвојување на законот за малцинствата.