Борбата против корупцијата е основен предуслов за европска перспектива

171

Групата земји од Советот на Европа со мандат да ја следат усогласеноста во стандардите во борбата против корупцијата и организираниот криминал, попозната како групата ГРЕКО, во својот последен извештај за Македонија ја нагласи потребата од значителни реформи и напори за конечно приближување на земјата до европските антикоруптивни практики.

Додека, според ГРЕКО, Македонија не бележи напредок во борбата против корупцијата во законодавната, извршната и судската власт, според Обединетата македонска дијаспора (ОМД), борбата против корупцијата е основниот индикатор за тоа колку една земја е подготвена за интеграција и членство во Европската Унија.
Извештајот на ГРЕКО, кој ја вбројува Македонија во групата земји со „разочарувачки напредок“, укажува дека само шест од вкупно деветнаесет антикоруптивни препораки се спроведени во практика. Според групата на Советот на Европа за борба против корупцијата, единствениот „делумен напредок“ во Македонија е усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет (од декември 2017 и мај 2018 година), додека најголемото „разочарување“ во земјата е забележано во контроверзното работење на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

ОМД верува дека корумпираното работење на институциите, не само што ја назадува Република Македонија и ѝ штети на нејзиниот углед како држава туку наедно го одложува и нејзиното членство во Европската Унија. Очекувањата дека со промена на името на земјата, Македонија би се стекнала со кандидатски статус во Унијата, околности во кои проблемот со корупцијата би станал минато, ОМД верува дека се погрешни.

Според ОМД, решавањето на проблемот со корупцијата е предмет на домашна политика и предуслов за членство во Европската Унија, а не променлива вредност зависна од меѓународниот фактор и корист од членство во европското семејство.

За успешно справување со корупцијата и подобрување на угледот на Република Македонија во меѓународната заедница, ОМД препорачува:
1) користење на придобивките од технолошкиот развој во следење на работата на институциите;
2) поставување унифицирана казнена политика, која важи еднакво за сите, без право на политички имунитет;
3) практикување поголема инклузивност на владиниот, цивилниот, корпоративниот, академскиот и медиумскиот сектор во донесувањето одлуки;
4) препознавање добри практики, кои би служеле како поттик и пример за другите општествени чинители;
5) воведување транспарентност во институционалните расходи;
6) поедноставување на бирократските процеси за поефективна администрација;
7) имплементирање на меѓународните препораки и конвенции во борба против корупцијата.

(Обединета македонска дијаспора)