Болките во колкот предвреме ќе го пензионираат Енди Мареј?

64

Поранешниот тенисер број 1 во светот и трикратен гранслем-победник рече дека турнирот во Мелбурн најверојатно ќе му биде последен во кариерата, иако би сакал да се пензионира со настап на Вимблдон

Британецот Енди Мареј на прес-конференцијата во Мелбурн со солзи во очите објави дека лесно може да се случи првиот годинашен гранслем-турнир Австралија опен да му биде последен во кариерата и најави дека наскоро најверојатно ќе се повлече поради постојаните болки на колкот. Мареј вели дека има опција за уште една операција, но и дека сѐ повеќе размислува за квалитетот на живот по повлекувањето. Мареј е поранешен тенисер број 1 во светот и трикратен гранслем-победник.

– Можам да играм со ограничувања, но тие и болката не ми дозволуваат да уживам на тренинзите и на мечевите – рече Мареј, додавајќи оти би сакал кариерата да ја заврши на Вимблдон, но и дека тешко ќе издржи дотогаш.

Мареј (31) ќе биде запаметен како прв британски тенисер што победил на Вимблдон, во 2013 година, по 77-годишна пауза и победата на Фред Пери во 1936 година, но и како играч кој се бореше за приматот во златната ера на тениската игра, со Роже Федерер, Новак Ѓоковиќ и со Рафаел Надал. Британецот се повлече лани од Австралија опен и замина на операција на колкот, а потоа паузираше до јуни и до настапот на турнирот на Квинс-клубот, пред Вимблдон. Сезоната ја заврши во Шенжен во септември и потоа се обиде целосно да се рехабилитира. Но минатата недела беше елиминиран во вториот круг во Бризбејн. Пред неколку дена се повлече по помалку од еден час тренинг со Ѓоковиќ, откако стана јасно дека има тешкотии при движењата.

Прв противник на Мареј во Мелбурн идната недела ќе му биде Роберто Баутиста Агут (22. на АТП-листата) и тогаш најдобро ќе се види како неговото тело ги издржува потенцијално исцрпувачките мечеви во пет сета и топлината. Мареј, еден од таканаречените „четворица најдобри“, заедно со Федерер, Ѓоковиќ и со Надал, сега е 230-ти на АТП-листата.

По освојувањето на втората титула во Вимблдон во 2016 година, Мареј не успеа повторно да заигра во финале на гранслем-турнир. Но, сепак, тој во блескавата кариера како професионалец, од 2005 година, освои три гранслем-титули (две во Вимблдон, во 2013 и во 2016 и една во Њујорк во 2012-та), два олимписки златни медала (2012 и 2016) и победи на 45 АТП-турнири. 


Шампион на теренот и надвор од него

Легендарната тенисерка Били Џин Кинг го нарече Енди Мареј шампион на теренот и надвор од него, осврнувајќи се на неговата долгогодишна поддршка за еднаквоста на жените во тенисот. Еден од најдобрите австралиски тренери, Дарен Кахил, кој до неодамна ѝ беше ментор на светската тенисерка број 1, Симона Халеп, рече дека Мареј бил пример за ставот „никогаш да не се предавате и да не се откажувате“, што ги издвојува најдобрите од просечните. Поранешната ѕвезда Енди Родик, исто така, му оддаде почит на Твитер: „Капата долу за Мареј! Апсолутна легенда, еден од најдобрите во историјата во тактички поглед, надреални резултати во брутална ера, ништо друго освен почит“. Л.Д.