Бланшет и Варда го предводеа тивкиот женски протест во Кан

1007

Бројот 82 ги претставува жените-режисери што се качиле по овие скали од првото издание на Канскиот фестивал до денес. Во истиот тој период по овие скали се качиле 1.688 режисери. За време на 71 година од постоењето на овој угледен фестивал само 12 жени претседавале со жирито. Со „златна палма“ се наградени 71 режисер и само две режисерки, рече Бланшет

Кејт Бланшет и Ањес Варда предводеа 82 жени од филмската индустрија во качувањето на скалите на Канскиот фестивал на тивкиот протест поради малата застапеност на женските автори на 71-то издание на фестивалот. Ним им се придружија и Кристен Стјуарт, Марион Котијар, Ејва Дуверне, Леа Седу, Салма Хајек, Пети Џенкинс и многу други.
Тие мирно стоеја на скалите, пред премиерата на филмот „Девојки на сонцето“ на Ев Исон во натпреварувачката програма, додека претседателката на жирито Кејт Бланшет и Ањес Варда не ги прочитаа изјавите на англиски, односно на француски јазик.

– Секоја од нас се соочува со единствени препреки, но сите ние што денеска стоиме на скалите како симбол на нашата одличност и посветеност на напредокот. Ние сме сценаристки, режисерки, актерки, директорки на фотографија, монтажерки, дистрибутерки, агентки и сите сме вклучени во филмската уметност. Стоиме денес овде изразувајќи солидарност со жените од сите други професии. Бројот 82 ги претставува жените-режисери што се качиле по овие скали од првото издание на Канскиот фестивал до денес. Во истиот тој период по овие скали се качиле 1.688 режисери. За време на 71 година од постоењето на овој угледен фестивал само 12 жени претседавале со жирито. Со „златна палма“ се наградени 71 режисер и само две режисерки – Џејн Кемпион и Ањес Варда. Овие факти се непобитни и сурови.

Жените не се малцинство во светот, но моменталната состојба во нашата индустрија го кажува спротивното. Очекуваме од нашите институции активно да овозможат еднаквост и транспарентност во своите извршни органи и безбедна околина за работа. Очекуваме од нашите влади да донесат закони за еднакви хонорари за иста работа независно од полот. Бараме работното опкружување да биде разновидно и рамноправно и на најдобар можен начин да го одрази светот во кој живееме. Светот што ни овозможува на сите нас пред и зад камерите да бидеме рамо до рамо со машките колеги. Скалите на нашата индустрија треба да бидат достапни за сите. Ајде да се качиме! – рече Кејт Бланшет.