Битола – вечна инспирација за младите ликовни таленти од светот

167
Фото: Васка.М. Младеновска

На Широк сокак, во Старата чаршија, по битолските сокаци и тесните улици, деновиве над 80 млади ликовни таленти од целиот свет се распрснаа со своите торбички полни со четки, бои, листови хартија, да ја сликаат старата битолска архитектура

„Малиот битолски Монмартр“ и овој мај Битола ја претвори во ателје под ведро небо. Битолчани, кои веќе 38 години младите ликовни таленти од целиот свет ги прифаќаат како свои најмили, и овој пат застануваат покрај нивните штафелаи и со воодушевување ги гледаат и им се восхитуваат на нивните ликовни творби.
А младите творци со своите четки, тушеви, пастелни бои… повторно ја оживуваат старата битолска архитектура, која од ден на ден сѐ повеќе старее и изумира.
Вечерта на 24 мај, кога свечено беше отворен „Малиот битолски Монмартр“ во Старата битолска чаршија, се истури силен дожд. Но веќе наредниот ден во Битола осамна сончев мајски ден. На Широк сокак, во Старата чаршија, по битолските сокаци, тесните улици, над 80 млади ликовни таленти од целиот свет: Хрватска, Србија, Тајланд, Романија, Бугарија, Русија, Кина, Словачка, Турција, Израел, Крим, Малезија и Полска се распрснаа со своите торбички полни со четки, бои, листови хартија да ја сликаат старата битолска архитектура.

Младата Марија Дима од Букурешт, Романија, првпат е дел од оваа ликовна колонија. Таа е воодушевена не само од убавината на Битола, туку и од организацијата на „Малиот битолски Монмартр“.
– Во Романија сум слушала за колонијата. Но сега се уверив дека тоа што ми го кажуваа моите другарки и наставнички е ништо во однос на она што јас го видов и доживеав тука – ни рече Дима.
Наставничката Кристина од Романија дури осум пати учествувала на колонијата. Инспирирана од битолската колонија, таа ваква манифестација организира и во Романија. Таа за Битола вели дека е нејзина вечна инспирација, која секоја година ја освојува со своите убавини.

Инаку годинава на колонијата учествуваа над 80 ликовни таленти од 15 земји во светот.
Откако неколку дена тие сликаа во Битола, еден ден поминаа во Охрид, каде што ја сликаа старата охридска архитектура.
Секој ден на колонијата се избираше уметничко дело на денот, а годинава највисокото признание, гран при, замина во рацете на училиштето „Симпли арт“ од Хонгконг, Кина.
Иако, на опрв поглед, сѐ е како и порано, за идејниот творец и основач на детското ликовно студио „Кирил и Методиј“ од Битола, Коста Хаџиантоновски, одржувањето на оваа реномирана, меѓународна манифестација, годинава, како и повеќепати досега, предизвика големи финансиски проблеми.

– Таман ќе помислам дека луѓето од културата ја препознаа оваа манифестација, повторно наидувам на старо-нови проблеми. Никогаш не сум сигурен како ќе ја организирам следната ликовна колонија. Овој пат навистина Министерството за култура затаи. Иако ми беа доделени само 100.000 денари, ни тие не ми ги дадоа пред одржувањето на колонијата. Но благодарение на разбирањето на битолските еснафи и занаетчии, угостителите, кои ширум ги отворија вратите за младите ликовни таленти од целиот свет, помошта на битолските јавни претпријатија и општината Битола, сепак колонијата ја организиравме на ниво како што заслужува – вели Коста Хаџиантоновски, кој вложи многу во афирмацијата на оваа манифестација, благодарение на која името на Битола и на нашата земја се прочу низ целиот свет.