Битка за ретките елементи на Северна Кореја

550

Истражувања покажуваат дека Северна Кореја можеби има најголеми резерви на ретки метали во светот. Бидејќи цели индустрии зависат од нив – се употребуваат за производство на паметни телефони, но и на ракетни системи – контролата врз нив значи и контрола врз глобалниот поредок. Затоа не зачудува фактот што за минералите на Северна Кореја се интересираат големите сили

Kога се анализира современата геополитика, најчесто прашањата поврзани со енергентите и со ресурсите се клучни во борбата за влијание меѓу светските сили, бидејќи енергијата може да ги поттикнува или да ги засили главните тензии. Денес, традиционалните наоѓалишта на нафта ја губат привлечноста поради појавата на нови енергенти и технологии, честопати произведени со материјали од т.н. ретки земни елементи.
Северна Кореја би можела да има големи количества ретки елементи, но со оглед на тоа дека станува збор за изолирана држава, таа сè уште не ги експлоатирала овие ресурси, кои би можеле да го нарушат актуелниот глобален поредок. Исто како што Студената војна го подели светот по идеолошки линии, оваа нова борба за ресурси ќе создаде поделби меѓу оние што имаат пристап до ретките метали и тие што немаат. Бидејќи цели индустрии зависат од неколку ретки метали, нарушувањето на нивната понуда може да има длабоки глобални последици, додека на некои земји им обезбедува огромно влијание.

Ербиум, тулиум, цериум, самариум, литиум – ова се некои од елементите што спаѓаат во категоријата ретки минерали. Многу од технолошките достигнувања што се реализирани во изминатите неколку децении имаат елементи што произлегуваат од 17 елементи во периодниот систем.
Ретките елементи исто така се суштинска компонента на индустријата за оружје. Неодиумот се користи за производство на бомби, ласери, радари и сонари, диспрозиумот за наведувани ракетни системи и видеосистеми, а тербиум се користи за електрична моторизација.

САД располагаат со трети најголеми резерви во светот, со рудник за ретки метали во Калифорнија. Овој рудник беше водечко наоѓалиште во светот до 1980-тите, кога Кина влезе на пазарот на елементи и практично создаде глобален монопол. Главни фактори во преземањето на пазарот беа достапноста на евтината работна сила и недостигот од регулации и загриженост за животната средина и работните услови. Во моментот се проценува дека Кина контролира повеќе од 95 отсто од светското производство на ретки минерали, со депозити од околу 50 милиони тони.

Неодамнешните студии укажуваат на тоа дека Северна Кореја би можела да има најголеми резерви на ретки метали во светот. Овие депозити во моментов не можат да се експлоатираат поради недостиг од значителна побарувачка и строгите санкции – земјата е отсечена од надворешни пазари и уште не развила општество засновано на масовна потрошувачка. Денес, новите проекти имаат потреба од инфраструктури засновани на искуство, со што се зголемуваат иницијалните трошоци за проектите и се предизвикуваат повисоки оперативни трошоци, што води кон производство на поскапи метали – инвестиција што Северна Кореја не може да си ја дозволи.

Наоѓалиштето Јонгју во Северна Кореја има речиси 216,2 милиони тони ретки оксиди, двојно повеќе од познатите светски резерви. Во однос на монетарната вредност (ако овие бројки се точни), Јужна Кореја проценува дека минералните ресурси на нејзиниот северен сосед вредат 2.800 милијарди долари.

За споредба, бруто-домашниот производ (БДП) на Јужна Кореја изнесуваше околу 1.530 милијарди долари во 2017 година. Според извештајот на корпорацијата „Корејски ресурси“ (КОРЕС), Северна Кореја би можела да има огромни количества магнезит (шест милијарди тони), графит (две милијарди тони), железна руда (пет милијарди тони) и волфрам (250.000 тони). Земјата би можела да стане клучен играч во индустријата за ретки метали, бидејќи се зголемува побарувачката за паметни телефони, полуспроводници и за производи поврзани со нив. Пјонгјанг соопшти дека може да експлоатира до дваесет милиони тони од овие седумнаесет елементи, при што Кина би можела да биде главен потенцијален купувач. Металургијата за ретки метали исто така е од суштинско значење за американските, руските и за кинеските системи за оружје. Системот за противвоздушна одбрана на САД (ТХААД) користи ретки елементи, исто како и руските ракетни одбранбени системи „с-400“ и „с-500“.

Се чини дека ништо не може да ја деблокира експлоатацијата на минералите на Северна Кореја за надворешни цели, освен преку можни меѓународни спогодби, укинување на санкции или, во екстремен случај, воена интервенција. Овие елементи нудат нови моменти во геополитичката ситуација на Северна Кореја.

Додека Кина се оддалечува од својот бивш сојузник, драстично намалувајќи го увозот на јаглен од Северна Кореја поради „некомпатибилност со новите стандарди за спречување на загадувањето“, Русија сѐ повеќе ги мерка ретките метали на изолираната земја. Јужнокорејски компании, исто така, може да потпишат нови економски договори за искористување на овие ресурси.

Во 1990-тите и во 2000-тите, огромниот енергетски потенцијал на Северна Кореја поттикна неколку јужнокорејски конгломерати, вклучувајќи го и КОРЕС, да инвестираат во рударски проекти во Северна Кореја и да планираат развој на инфраструктура за олеснување на експлоатацијата на ретките елементи. Режимот на Ким Јонг-ун нема ниту финансиски средства ниту технолошка експертиза за да може сам да ги искористи овие ресурси. КОРЕС анализира дека Пјонгјанг веќе има потпишано вкупно 40 договори за инвестиции со странски субјекти (90 отсто од Кина), наспроти тековните санкции.

Јужнокорејски функционери предупредија на интересот од Пекинг. Според јужнокорејскиот пратеник Парк Јанг-сун, Владата мора брзо да дејствува зашто Кина веќе обезбедила многу минерални ресурси во Северна Кореја.
– Ако Јужна Кореја може да увезува минерали од Северна Кореја, таа може стабилно да ги користи неколку децении – вели тој.

Јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун ги продолжуваат разговорите, па јужнокорејските власти отворено говорат за понатамошно проширување на проектот за железничка инфраструктура „Север-Југ“. Северна Кореја би можела да се интегрира во огромната инфраструктура за снабдување преку проектот „Пат на свилата“ – стратегиско партнерство меѓу Русија и Кина – истовремено инвестирајќи во железници, цевководи и пристаништа, како и во кинески верзии на специјалните економски зони меѓу Северна и Јужна Кореја (СЕЗ), кои претставуваат географски области што подлежат на посебни регулативи и административни мерки од земјата-домаќин за да се привлечат странски директни инвестиции. Четири специфични региони во Северна Кореја може да се сметаат за национални приоритети. Овие зони, со различни наменски функции и со прописи пријателски настроени кон странските инвеститори, сигнализираат подготвеност на режимот на Ким да ги испита можностите за отворена економска политика. Иако режимот на Ким може да промовира посебни економски зони како клучен дел од својата стратегија за економски развој, ќе треба да помине повеќе време за тие да бидат успешни.

Првите санкции на ОН против Северна Кореја датираат од 1993 година и тие беа контрапродуктивни, бидејќи го поттикнаа Пјонгјанг уште повеќе да се обидува да го уценува светот со своите нуклеарни оружја и ракетни тестови. Северна Кореја денес се одлучи за предвидлива стратегија на одвраќање, имено, да ги зголеми своите ракетни тестови за да ја демонстрира својата определба, но исто така и своите одбранбени способности во меѓународно опкружување за кое смета дека е непријателско.

Еден излез од оваа криза би можело да биде потенцијално де факто признавање на статусот на Северна Кореја како нуклеарна сила, слично како Индија, Пакистан или Израел, кои добија нуклеарно оружје без меѓународни одобрувања. Оваа опција би значела прифаќање на неуспехот на политиките за неширење на нуклеарното оружје, но би можела да го прекине ќор-сокакот што го натера Пјонгјанг да продолжи да ја развива својата нуклеарна програма и да спроведува ракетни тестови. Договорот од 1994 година зголеми многу очекувања и надежи за излез од кризата: од Северна Кореја беше побарано да се откаже од својата нуклеарна програма во замена за енергетска помош од Јужна Кореја, Јапонија, Русија и од САД, кои се заложија за изградба на две нуклеарни централи на вода во Северна Кореја. Но договорот не успеа поради отсуство на обврски од двете страни.

Не би било претерано да се каже дека „уметноста на преговорите“ се однесува и на ретките елементи. Ако Вашингтон не е сериозен за ретките елементи на Северна Кореја, тогаш победник би можел да биде Пекинг. Москва, исто така, може да има корист од загубата на Вашингтон, со оглед на тоа што на Кина ѝ е потребен континуиран пристап до енергетските ресурси на Русија и на Централна Азија, како и до напредните воени технологии на Русија. Обидите на Кина за стекнување енергенти претставуваат значаен предизвик за американската политика. Заради тоа, загатката може да се врти околу тоа кој нуди најдобро враќање на инвестициите, но не во недвижен имот, туку во ретки метали, од кои Ким потенцијално би можел да натрупа огромно богатство. Дали Кина може да ги престигне САД во договорите? Дали можеби нов самит меѓу Ким и Доналд Трамп ќе обезбеди втора шанса?