Библиофилија

2280

Би можела да пишувам за смешната еуфорија поради „чистата и безусловна препорака“ за почеток на преговорите за влез во ЕУ (чиј краен исход веќе може и да се погоди: ќе заврши исто како и претходните девет, без датум, без промена, без излез од кафезот во кој се вртиме како глувчиња). Би имала што да кажам и за сериозна тема што малкумина ја забележуваат, т.е. за растечкиот конфликт меѓу две членки на НАТО (Грција и Турција), за кои дури и „Форин афеарс“ пишува со загриженост, а за кој генералниот секретар на Алијансата вели „тоа не е наша работа“. Би можела ова да го поврзам со нашите еврофили и натофили, кои продаваат бајки за тоа дека со влез во НАТО не само што ќе бидеме под заштита однадвор, туку дека тоа ќе влијаело на внатрешната кохезија меѓу Македонците и Албанците. Потресно е да се напише и некој ред и за семејствата на егзекутираните деца, кои го повикуваат Заев да сведочи за содржината на прислушуваните разговори. Би можела до бескрај да пишувам за сите неправди и за сите амнезии и амнестии на злосторници со кои сме опкружени, па кои се дури и на водечки позиции. Би можела…

А вистината е дека секоја недела, кога ќе наближи времето за колумна, размислувам за две-три работи: прво, на која тема не сум напишала нешто во изминатите дваесетина години; кој е ефектот кога знам дека една тема фрла во сенка друга, дека сето ова веќе наредниот ден е нерелевантно, бајато, а реално сосема е мал бројот на читателите што со внимание ќе го прочитаат текстот (пред да почнат да делат етикети и навреди; за ова најдобра илустрација е она што се случува на фејсбук-страницата на „Нова Македонија“, каде што неписмени и полуписмени „читатели“ под колумната пишуваат пцости и навреди). Но најважното прашање што си го поставувам е зошто си го трошам времето на колумни, кога горам од желба да напишам книга. Не, не научна монографија, бидејќи такви имам десетина. Сакам да напишам роман – затоа што немам талент за поезија, како што имаше татко ми. А токму тој е „виновен“ за тоа што ме направи библиофил, па и повеќе од тоа – некој што сонува и има потреба да си ја излее душата на „хартија“.

Денес е Меѓународен ден на книгата, а кон крајот на неделата ќе појдам да оставам цвеќе на гробот на татко ми, библиофил и автор на прекрасни стихови, од кои голем број останаа необјавени. Она што го остави зад себе се библиотеката и ракописите, кои ги чувам како најскапоцено наследство. Затоа, оваа колумна им ја посветувам нему и на книгата што ме научи да ја сакам повеќе од сѐ, заедно со љубовта кон јазикот, неговото негување, вниманието за секоја точка и запирка, за онаа магија со која можеш да изразиш и опишеш сѐ, и тоа што постои и тоа што е плод на имагинација. Татко ми нѐ прехрани со работа поврзана со зборот; беше графички работник, а по образование – без завршено основно училиште, самоук, ерудит.

Не купувавме книги на метро или според бојата на дневната соба, книгите со кои пораснав беа најразлични, ги имаше од сите видови: од Библијата и Куранот, кои стоеја една покрај друга (чудно за „комунизам“, нели, и во дом на атеисти), па до поезија и проза од автори од сите меридијани. Бев многу мала кога во вечерните часови (без телевизија) игравме „На буква, на буква…“, и тоа не со предмети, туку со почетната буква на некој писател, кој другите требаше да го погодат. Така, повеќе интуитивно знаев дека Достоевски, Гете или Зола, се големи и важни уште пред да почнам да ги читам. И таа почит и љубов ми остана цел живот. Хард-дискот ми е преполн со книги за „кога ќе имам време“, доволни за два живота, а време сѐ помалку. Се тешам дека ќе дојде лето, пензија, периодот кога нема да бидам затрупана од обврски и од фрустрации со јавните проблеми, кои залудно ги коментирам секоја недела. Понекогаш ќе ме сепне мислата дека и татко ми се надеваше дека пензијата ќе биде време кога ќе им се препушти на читањето и на пишувањето, на она што битката за егзистенција му го оневозможуваше кога по цели ноќи работеше прекувремено. Сѐ повеќе личам на него, постојано одложувајќи ја одлуката да се свртам кон вистинската љубов, тој почина на 52 години, јас наближувам кон 59-та. Којзнае, можеби јас ќе успеам во она во што него смртта го спречи. Но, останува прашањето: чуму? Кој ќе чита? Џојсовата потрага по идеален читател што страда од идеална несоница е залудна.

Библиофилите денес се ретки „ѕверки“, веројатно и љубовта кон книгите ја чуваат за себе, како да е грешна во време на статусни симболи, трка по пари и слава. Ги гледам студентите: па, тие дури ни учебниците не ги читаат (прават некакви мини-фотокопии згодни за препишување), а писменото изразување им е очајно. Возрасните не се подобри. Повеќе време ќе „утепаат“ на скандалозни „вести“ на портали или на социјалните мрежи, спорт или ТВ-забава. Политичарите се полуписмени и неуки, но се јунаци на нашето време. Отворено кажуваат дека не читаат, дури и кога финансираат книги или промовираат проекти за млади поети/писатели, но затоа ќе ги видите како моторџии кога патуваат на именден на некој градоначалник. И кога ќе прашате зошто и како е можно да ни се случува сето ова во кое сме заробени, одговорот е затоа што и без хитлеризам, сме ги запалиле (симболички) книгите, сме ги заборавиле мудрите. Нѐ водат луѓе што прочитале една книга (hominem unius libri timeo, да го парафразирам Тома Аквински, но во негативна смисла), чиј репертоар се сведува на ЕУ, НАТО, капитализам, бла-бла. Сме си вовеле самоцензура, сме останале глуви и слепи за сѐ освен за тривијалностите и спектаклот што ни го приредуваат за да не се откриеме себеси. Велат, во многу градови нема библиотеки и/или книжарници, а и таму каде што има едвај преживуваат.

Денес можете Платон да го купите за 50 денари, ама никој не го купува. Го продаваат дури и во супермаркети, каде што ќе се потрошат пари на грицки и алкохол, а книгите ќе се одминат. Велат дека бројката на неписмени, а особено на полуписмени луѓе расте, а не опаѓа. А и оние што тоа не се, реално се сиромашни, изморени, затапени од сета оваа општествена агонија. Денес забавата е опиум на народот; колку помалку чита, колку помалку хоризонти му се отвораат, колку помалку знае за себе и за своите способности – толку подобар поданик е. Но, ова не е правило. Неодамна читав за турските ѓубреџии што од отпадот собираат книги и прават библиотека, во која го поминуваат секој слободен миг.

А за Меѓународен ден на книгата во УНЕСКО го избрале денот кога починале Шекспир и Сервантес. Ние ги живееме Хамлет, венецијанскиот трговец, Дон Кихот и почесто Санчо Панса, понекогаш се бориме со ветерници, ама едвај и да сме свесни за тоа. Најчесто сме статисти во приказната на сопствениот живот. Им веруваме на луѓе што прочитале една книга или купиле неколку дипломи, но се полни со пари и имаат моќ. Ако не се трча по стекнување средства за егзистенција, дозволуваме некој друг да ни ги креира потребите. Во таа листа на потреби, книгата зазема последно место – освен оние што ветуваат дека ќе ве научат како да станете успешни, убави, вити, заводливи. А книгата треба да послужи како секира што ќе го скрши замрзнатото море што лежи внатре во нас, вели Кафка – во нас живеат книги што чекаат да се раскажат и остварат.