Белград е последната европска адреса на Путин

559
Владимир Путин (лево) и српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград

Посетата на рускиот пре­т­се­дател Владимир Пу­тин на Белград во прв ред потсетуваше на неработен ден или, на пример, на ден за пешаци без автомобили. Со оглед на тоа што повеќето државни фирми беа принудени организирано да ги испраќаат вработените на разни пунктови во градот за да претставуваат спонтано собрани граѓани, атмосферата во секој случај беше неработна и карневалска, објави „Дојче веле“ на српски јазик.

Руската делегација беше, може да се каже, првата лига на руската администрација. Со оглед на тоа што ова беше четврта посета на Владимир Путин на Србија, се наметнува прашањето, со што малата Србија заслужи толкаво внимание?

Надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ смета дека за оваа посета Вучиќ и Путин имале заемен интерес.

– Интересот на Путин е да биде сигурен дека каков било договор што ќе го потпишат Србија и Косово, а кој би го пишувале Вашингтон и Брисел, ќе ја зачува Србија под руско влијание. Србија и Република Српска во моментов се главната потпора за руските интереси на Западен Балкан – вели Јакшиќ.

Соговорниците на „Дојче веле“ забележуваат дека Путин и нема многу адреси во Европа на кои може да отпатува. Во таа смисла и Владан Марјановиќ, новинар на неделникот НИН, забележува дека „на Путин не може да му штети, во една европска земја, која е и кандидат за членство во ЕУ, да биде дочекан посрдечно одошто деновиве би бил дочекан во некоја руска губернија на крајот на светот. Посебно по неодамнешното подигање на старосната граница за одење во пензија во Русија, што веднаш негативно се одрази и врз популарноста на Путин“.

Марјановиќ додава дека по поразот на руската политика во Црна Гора и во Македонија, на Путин добро му доаѓа да демонстрира дека сѐ уште држи некои позиции во овој дел од Европа.

– Дополнителна корист е непријатноста што оваа посета ќе ја предизвика во рамките на ЕУ – вели Марјановиќ.