Белград бара дијалог со Приштина со посредство на ОН

131

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, побара на седница на Советот за безбедност на ОН дијалогот меѓу Приштина и Белград да се одвива со зголемена улога на оваа меѓународна организација. Со ова ќе се оствари поранешното барање на српската страна процесот на договарање со косовските власти да биде под закрила на ОН, на што се противеше Брисел, кој осум години безуспешно се обидува да ги нормализира односите меѓу Белград и Приштина, пишува „Новости“.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, вели дека сега можеби е најдобриот момент прашањето за КиМ да се врати под покровителство на ОН.
– Тоа ќе биде лековито за овој процес на дијалог и ќе се појави надеж за наоѓање заедничко прифатливо решение, кое, покрај нашите силни сојузници Русија и Кина, би го гарантирале и САД – изјави Дачиќ.

Поранешниот амбасадор Милован Божиновски смета дека ЕУ нема идеја како да го заврши овој дијалог, но дека не признава дека сегашниот пат е погрешен и не може да донесе резултати.

– Брисел суетно продолжува да ги насочува разговорите. Но се покажа како немоќен посредник, кој не ги држи конците цврсто, без капацитет да ја реши отворената опструкција што со месеци се спроведува од албанската страна – вели Божиновски.
Своја оцена за улогата на ЕУ во дијалогот меѓу Белград и Приштина даде и амбасадорот на Русија во Србија, Александар Чепурин, кој на својот налог на Твитер напиша дека „медијаторството на ЕУ се ниша на двете нозе“.