Безжичната технологија и печатењето

231

До средината на 2000-тите печатачите имаа голем придонес во создавањето на испреплетената мешавина на кабли зад бирото на компјутерот. И овие кабли вообичаено не беа обични, туку покрути и подебели кабли, кои тешко се отплеткуваат. За среќа, можноста за безжично печатење ја прекина ерата на непотребно големиот број кабли.

Со технологијата за безжично печатење можете да испраќате документи до печатачот од кој било дел од просторијата во која се наоѓате или од друга страна на куќата. Не е потребна кабелска врска, а во некои случаи не е потребен ниту лаптоп, едноставно може да се пратат документи на печатење преку таблет или паметен телефон.

За секој што често печати, развитокот на безжичната технологија претставува позитивна промена. Во старите времиња, печатачот и компјутерот беа директно поврзани. Дури и кога лаптопите станаа почести, сепак требаше да се вратите на вашата работна површина и да поврзете кабел пред да започнете со задачата за печатење. Сега има многу начини за печатење со помалку кабли или воопшто без кабли. На пример, ако имате компјутер што е секогаш поврзан со печатачот, како и безжичен рутер, можете едноставно да го споделите печатачот на вашата безжична мрежа. Другите компјутери што се поврзуваат преку вашата вифи-мрежа потоа може да ги инсталираат драјверите на печатачот и да печатат преку рутерот.

Сепак, во овој пристап има и недостатоци. Ако го исклучите компјутерот што е поврзан со печатачот, мрежата за безжично печатење ќе стане бескорисна. Или, ако вашиот рутер има интегрирана УСБ-порта, можете да го поврзете вашиот печатач директно во рутерот. Ова понекогаш е најлесниот начин да го направите вашиот печатач безжичен, со помалку и полесни чекори за поставување.

Рутерите може да бидат скапи, па можеби нема логика да се инвестира во еден, само за да го направите печатачот безжичен. Во тој случај поевтина варијанта е купување самостоен сервер наменет за печатачот. Во суштина, тоа се евтини мали рутери што се поврзуваат директно со печатачот, дозволувајќи му да ги испраќа и прима податоците безжично. Се разбира, може да се прескокнат сите овие опции и да се земе безжичен печатач, кој може да користи интегриран вифи или блутут.

Но пристапот преку вифи има и свои недостатоци. Во поново време, за да се елиминираат каблите, се пристапува кон безжично поврзување, кое најчесто се поврзува преку вифи-уредот. Неажурирање на печатачот може да претставува можност за влез на хакерски напади. Во светот има голем број случаи кога хакери влегуваат во системите преку незаштитените вифи-печатачи. Најголемиот број случаи се одликуваат со преземање на контролата врз печатачот и печатење содржини што хакерот сака да ги прикаже. Но има и посериозни случаи, кога преку незаштитениот печатач тие влегуваат во главниот компјутерски систем и преземаат разни податоци или, пак, во најлош случај ти,е го уриваат целиот компјутерски систем. Ова вообичаено не се случува кај компјутерите во малите домаќинства, туку ваквите напади се целосно насочени најчесто кон бизнис-компании, кај кои има вредни податоци или информации. За да се оневозможи опасноста од вакви напади, потребно е да се ажурира софтверот за печатачот како и неговиот фирмвер. Иако има вакви опасности сепак иднината на технологијата претставува безжичната технологија и од тие причини на пазарот се појавуваат сѐ повеќе печатачи и уреди што користат безжична технологија.