Барселона сака да биде како Арсенал, Јувентус, Милан…

1007
Лионел Меси

Барселона е без пораз на 31 меч и е на најдобар пат да биде првиот тим во Шпанија што непоразен ќе ја заврши сезоната, како што своевремено во другите првенства тоа го направија Арсенал во Англија, Јувентус и Милан во Италија итн.

Барселона го победи Леганес со 3-1, со што тимот од Каталонија го израмни рекордот на Реал Сосиедад од 38 меча во низа без пораз од сезоните 1979/79 и 1979/80 во првенството на Шпанија. Но иако Сосиедад го постави рекордот, постигнувањата на Барса се поимпресивни бидејќи забележа 31 победа, 10 повеќе од баскискиот клуб, и постигна 46 гола повеќе. Барселона, која е на лидерската позиција со 79 бода по 31-то коло, 11 повеќе од Атлетико, е на најдобар пат, на само седум кола до крајот, да биде првиот тим во Шпанија што без пораз ќе ја заврши сезоната.

Последниот пораз Барселона го претрпе во април 2017-та, од Малага (0-2). За разлика од Шпанија, во другите европски лиги се случувало некој тим непоразен да ја заврши сезоната и да стане шампиони. Во Англија во поново време тоа му успеа на „непобедливиот“ Арсенал на Арсен Венгер, кој сезоната 2003/2004 ја заврши без пораз на 38-те натпревари (26 победи и 12 ремија). Во Италија со сличен подвиг може да се пофалат Јувентус, кој во сезоната 2011/2012 стана првак откако на 38-те натпревари забележа 23 победи и 15 ремија. А и Милан во сезоната 1991/92 не загуби ниту еден од 34-те првенствени натпревари (22 победи и 12 ремија). 


Далекометниот Меси

Аргентинецот Лионел Меси постигна три гола на мечот против Леганес го забележа 45-от хет-трик во кариерата, и е првиот фудбалер што на шест првенствени натпревари едноподруго постигнува гол со шут од надвор од шеснаесетникот, почнувајќи од сезоната 2003/2004 откога се води ваква статистика. Напаѓачот на Барселона се израмни и со Роналдињо, кој во сезоната 2006/2007 постигна шест гола од слободен удар, играјќи, исто така, за Барселона. Сезонава Меси постигна 29 првенствени гола (плус 12 асистенции), вкупно 40 во сите конкуренции за Барселона. Тој е и рекордер според бројот на постигнати голови во една сезона (2011/2012) – 73 во сите конкуренции. – Би сакал да одиграм барем уште еден натпревар заедно со Меси, кој во времето кога јас бев во Барселона беше премногу млад. Во секој случај тој е подобар од Кристијано Роналдо – изјави Роналдињо, кој пред десетина години одигра една сезона заедно со Меси во Барса, пред да замине во Милан во 2008 година.