Барањето забрана – антидемократски чин

924

Меѓу сите околности околу книгата, најфрапантно звучи барањето таа да биде повлечена, што во превод значи да биде забранета. Да се прави ваков погром на една книга во денешна Република Македонија не само што не е во согласност со сите политички заложби за слобода на творештвото туку навестува и опасност по она што може да се случува во иднина. Да биде барано да се забранува секоја книга во која ќе има три-четири реченици во кои на уметнички начин ќе се критикува (или исмева) некој безимен функционер или поради две-три страници што ќе бидат спротивни на политичкото мислење на актуелната влада. Досега таквите постапки им ги припишуваме на фашизмот, сталинизмот и на тврдиот југокомунизам, системи во кои се забрануваа, се палеа и уништуваа купишта книги

Силен земјотрес ја потресе Македонија. Во саботата на трафиките се дистрибуира книгата „Збирка поезија“, песни од млади поети, и веднаш се побара повлекување, поточно забрана на книгата, а одговорните уредници на книгата да преземат морална и политичка одговорност. Од четириесет и четири песни, имало две или три песни во чии неколку стиха се препознавале сериозни пропусти, како уривање на јавниот морал, звучеле шовинистички и ширеле меѓунационална омраза. Тоа е експресно оценето како скандал од големи размери, закана по моралот, по заедничкиот живот, дури и по иднината на Македонија.

Значи, една книга издадена од државната Агенција за млади и спорт што требаше да биде претставување млади и надежни поети стана предмет на општа опсервација, негативни оцени и потсмешливи коментари. Меѓу сите околности околу книгата, најфрапантно звучи барањето таа да биде повлечена, што во превод значи да биде забранета. Да се прави ваков погром на една книга во денешна Република Македонија не само што не е во согласност со сите политички заложби за слобода на творештвото туку навестува и опасност по она што може да се случува во иднина. Да биде барано да се забранува секоја книга во која ќе има три-четири реченици во кои на уметнички начин ќе се критикува (или исмева) некој безимен функционер или поради две-три страници, кои ќе бидат спротивни на политичкото мислење на актуелната влада. Досега таквите постапки им ги припишуваме на фашизмот, сталинизмот и на тврдиот југокомунизам, системи во кои се забрануваа, се палеа и уништуваа купишта книги.

Ако во денешна Македонија една власт (од која и да е партија) се плаши, бурно реагира и бара забрана за некоја карикатура, песна, расказ, роман, драма, уметничка слика или друг вид уметничко дело, тогаш никако не ќе може да се каже дека таа власт е демократска, дека ја почитува слободата на творештвото. Што се однесува до самата збирка поезија, во самиот предговор на книгата се истакнува дека во песните на младите поети се препознаваат духот на времето, пулсот на денешниот млад човек и неговиот однос кон љубовта преточен во стихови, што во голем број случаи ги надминува рамките на исповедно-интимната лирика. Во нивните стихови се испреплетуваат каналите на историјата и традицијата со неискусеното, далечното, новото… Младите поети се инспирирани од настани од минатото, но исто така и од современите случувања и преку автентичен поетски израз го проектираат сопственото доживување на светот.

Нивните песни се резултат на духовните патувања на младиот човек низ своите имагинарни траектории, на храброста интроспективно да се нурне во длабочините на сопственото битие. Во нивната поезија е неизбежно застапена и урбаната димензија на градот, помешана со мирисите на копнежот, на меланхолијата, на немирот, што избиваат од порите на секој стих. На места млаки, но на места впечатливи слики и метафори, оваа поезија ги допира вечните прашања и актуелности, кои тукушто почнуваат да се вовлекуваат под кожата на овие млади луѓе, да ја скокоткаат и да ги предизвикуваат нивната креативност и фантазија, но исто така и интелектуално да го провоцираат нивниот книжевно-истражувачки дух. Во нивната поезија не отсуствува ниту општествената димензија, повремено иронијата и резигнираноста, но дури и овие тонови се обвиткани помалку или повеќе со оптимистички визии.

Оваа книга ја претставува поетичката структура на една нова генерација, во обид да ги артикулира својата вистина и својот поетски глас. Меѓу овие корици се наоѓа еден нов универзум, што претставува чиста енергија што создава нови поетски светови, светови што допрва треба да се хранат со животни и читателски искуства, да растат и да созреваат. На патот до творечкото созревање, поттиците од овој вид се повеќе од неопходни за младите автори, без кои македонската книжевност и поезија нема иднина. Како што може да се види, самиот предговор ги оправдува сите песни, ги охрабрува младите творци да создаваат слободно, да бидат похрабри, поотворени, проевропски насочувани, да бидат ангажирани, да го препознаваат духот на времето, пулсот на денешниот млад човек. Преку впечатливи слики, метафори, алегории да ги препознаваат иронијата и резигнираноста, да го сликаат општеството на свој начин, гледано со свои, а не со туѓи очи.

Одговорна и способна власт нема зошто да се плаши од такви постапки на младите творци и да создава тоталитарна матрица со строго определени или ограничени форми на творење. Навестената културна трансформација, реформа и европеизација, во согласност со прогресивните трендови и политики, ослободување на творечките потенцијали на уметниците, промовирање можности за секој да може да искуси култура, да учествува во културните програми и да ги развие своите креативни можности, не може да се реализира со повлекување или со забрани на книги. Ако клучна вредност на македонската културна политика е слободата на творештвото, ако културата мора да има прогресивна општествена функција: да поттикнува, да полемизира, да продлабочува, да критикува, да експериментира, да создава нови вредности, во европските трендови културата не познава строга контрола од страна на државата. Таа е отворена по својата природа, отворена кон другите култури, отворена кон сите граѓани. Од сите наведени причини, навистина анахроно, антидемократски, антиевропски и антикултурно звучат оцените за некаква скандалозност или опасност по културниот простор. Дотолку повеќе што станува збор за книга на млади луѓе без чиј слободен развој во слободна земја државата не може да очекува силна, демократска европска иднина.