Банките учат како да ги чуваат личните податоци на клиентите

172

Дигиталните можности што ги нуди модерното банкарство носат и ризици, кои се однесуваат на заштитата на приватноста

Банките од регионот ќе соработуваат со Европската банкарска федерација во областите на сајбер-безбедност, спречување на перењето пари, како и во спроведување на одредбите од Базелскиот договор, кој неодамна беше донесен. На овие теми вчера во Скопје разговараа претставници од Европската банкарска федерација и од Македонија, Албанија, Турција, Србија, БиХ и Хрватска, во рамките на 46-от состанок на асоцијативните членки на ЕБФ, чиј домаќин е Македонската банкарска асоцијација.
– Банкарскиот сектор е многу променлив, односно доживува голем број промени по големата криза што ја доживеа Европската Унија. Во ЕУ беа донесени голем број регулативи што денес веќе се во сила. Сѐ повеќе луѓе сакаат да ги користат дигиталните услуги, односно да извршуваат плаќање преку нивниот мобилен телефон. Тоа ЕУ секако им го нуди како можност на своите граѓани, и токму од овие причини ја донесе директивата за дигитални плаќања – изјави Вим Мијс, главен извршен директор на Европската банкарска федерација.
Мијс додаде дека е важно што сите дигитални можности што ги нуди модерното банкарство носат и ризици, кои се однесуваат и на заштитата на приватноста.
– Стапи во сила новата регулатива за заштита на личните податоци на ЕУ (GDPR) и секако со сите оние ризици поврзани со сајбер-напади. Токму затоа нашата европска банкарска асоцијација соработува со голем број европски тела, како што се Европол и други – истакна Мијс.
Тој појасни дека новата директива за општи податоци не се однесува само на банкарскиот сектор, туку општо на дигиталната економија.
– Порано банките имаа пристап и ги имаа нашите податоци, меѓутоа сега со користење на дигиталните услуги овие податоци веќе се достапни и на поинаков начин. Пристапуваме на Фејсбук, Гугл и тоа значи дека нашите податоци се користат во различни бизнис-модели, дека имаат вредност и дека треба да бидеме способни да си ги следиме, односно да знаеме каде се употребуваат нашите податоци – појасни Мијс.
Тој истакна дека банките секогаш работат со пари и се грижат за приватноста на клиентите и потенцира дека вработените во банките се добро обучени како да постапуваат, односно како да ги чуваат личните податоци на клиентите.
Европската банкарска федерација има 32 членки и нивната задача се однесува на ЕУ-регулативите и застапување на нивните членки, чија бројка достигнува околу 450 банки.