Балетската претстава „Рајмонда“ во МОБ

374

Балетската претстава „Рајмонда“ од Александар Глазунов ќе биде изведена вечерва, во 20 часот, во Македонската опера и балет. „Рајмонда“ е балет во два чина. Светската премиера е одржана во Маринскиот театар во Санкт Петербург, во јануари, 1898 година. Либретото за балетот „Рајмонда“ е базирано на типичната драматургија, која го обележува времето на романтизмот. Во драмите (приказните) на овој уметнички правец доминираат темите за јунаштвото, благородништвото, љубовта, достоинството и честа.

„Рајмонда“ е во кореографија на гостинот од Украина, Виктор Јаременко, додека во главните улоги ќе настапат првенците: Марија Кичевска Шокаровска и Васил Чичијашвили (Грузија). Во улогата на Абдурахман, ќе настапи гостинот од Италија, Давиде Буфоне. Улогата Бела Дама ќе ја толкува Наташа Јосифовска. Настапуваат истакнати солисти, солисти, целиот балетски ансамбл и оркестарот на МОБ.

Диригентската палка ќе ја држи Едуард Амбарцумјан од Русија.

„Рајмонда“ е претстава со костими и спектакуларна сценографија, што ги изработи ателјето на МОБ, под менторство на гостите од Украина: Гана Ипатиева и Андреј Злобин.