„Ај кју“ во Тел Авив се дружеа со евровизиските претставници

316

За мене „Евровизија“ не е трка на 100 метри, туку маратон и сигурен сум дека добрите песни секогаш го наоѓаат својот пат, вели Бојан за евровизискиот сајт „Вивиблогс“

Евровизиски претставници од 25 земји, меѓу кои беа и членовите на „Ај кју“, изминатите неколку дена во Тел Авив беа дел од најголемиот евровизиски промотивен настан „Израел повикува“. – За евровизиските делегации организаторот подготви низа активности, како свечена церемонија со црвен килим за евровизиските ѕвезди, разгледување на Ерусалим и гала-забава, а настанот традиционално вклучува и засадување дрвца во претседателската шума, прес-конференција и средба на евровизиските претставници со медиумите. Ова е трета година едноподруго како евровизиски делегации од цела Европа се собираат во Израел, за да бидат дел од четиридневниот промотивен настан насловен „Израел повикува“.

Главниот настан е концертот во живо што се одржа во вторникот вечерта на плоштадот „Рабин“ во центарот на Тел Авив – вели Александра Јовановска, лице за односи со јавноста на македонската евровизиска делегација. Таа дополни дека ваквите промотивни настани во евровизискиот круг се актуелни цела деценија, откако пред единаесет години во Лондон се одржа првиот промотивен концерт. Но Израел годинава ја издигна организацијата на досега највисоко ниво, поместувајќи го настанот од затворена сала во концерт на отворено со бесплатен влез за публиката, па се очекува вечерва околу десет илјади луѓе да го исполнат плоштадот „Рабин“ и да уживаат во годинашните евровизиски песни. – Навистина се радуваме и со нетрпение ја очекуваме оваа вечер и најголемиот евровизиски промотивен концерт во историјата – изјави Тали Ешколи, организатор и продуцент на „Израел повикува“.

Настанот е организиран на највисоко државно ниво во соработка со Министерството за надворешни работи на Израел, Министерството за туризам на Израел, градот Ерусалим, градот Тел Авив, како и Еврејскиот национален фонд. Според Расел Дејвис, од евровизискиот сајт ЕСЦКАЗ и долгогодишен пријател на нашиот евровизиски тим, годинава организаторите ги третирале учесниците како вистински ѕвезди, а концертот го проследиле над 25.000 гледачи, што е повеќе и од самата „Евровизија“. – Првпат сме во Израел и воодушевени сме од гостопримството и желбата на домаќинот да ги сподели толку несебично со нас сите убавини на својата земја. За нас и самата промотивна турнеја е нешто ново, организацијата е на највисоко ниво, веќе се запознавме и со голем дел од другите претставници и атмосферата е навистина опуштена и пријателска – рече Бојан Трајковски од „Ај кју“.

Марија Ивановска од „Ај кју“, пак, вели дека е воодушевена од средбата со медиумите и со обожавателите. – Ние постојано читавме позитивни коментари и одлични реакции за песната, но кога во живо ќе ви пријдат луѓе и ќе ви кажат дека „Lost and Found“ е нивната омилена песна и ќе побараат да се фотографираат со вас и ќе ви посакаат искрено многу среќа на Евровизија, тоа е нешто навистина посебно и ни дава уште повеќе енергија за понатаму – изјави Ивановска. За интервјуто што Бојан и Mарија го дадоа за евровизискиот сајт „Вивиблогс“ на одличен англиски јазик, тие изјавија дека не се оптоварени со настапот на годинашниот „Евросонг“.

– Знаеме дека пред нас е тешка задача, бидејќи нашата земја долго не била дел од финалето, но не се оптоваруваме со тоа. За мене „Евровизија“ не е трка на 100 метри, туку маратон и сигурен сум дека добрите песни секогаш го наоѓаат својот пат – рече Бојан. Марија додаде оти ѝ е многу полесно песната да ја пее на англиски јазик и оти на сцената освен што пее и ќе танцува. Пред нив освен подготовките за Лисабон, на 25 април, претстојат уште патувања во Амстердам и во Мадрид, каде што исто така ќе има слични манифестации како „Израел повикува“.