Ајакс е поблиску до големото финале на ЛШ

73
Дони ван де Бек го постигнува победоносниот гол

Во првиот полуфинален меч, Ајакс го совлада Тотенхем на гости со 1-0. Реваншот е идната среда во Амстердам

Ајакс забележа победа на гости над Тотенхем (1-0) во првиот полуфинален меч во Лигата на шампиони (ЛШ), што претставува солидна предност пред реваншот, идната среда. Евентуалниот пласман во големото финале во Мадрид на 1 јуни, во кое ќе се сретне со подобриот од двомечот Барселона-Ливерпул, ќе биде прво за Ајакс по 1996-та, кога загуби од Јувентус.
Победоносниот гол за тимот од Амстердам, кој сезонава не е поразен на деветте гостувања (пет победи и четири ремија), односно триумфира на последните четири меча, и притоа постигнуваше гол и повеќе на сите девет меча, го даде Дони ван де Бек во 15-та минута.

Овој триумф на Ајакс, четирикратниот европски првак (1971, 1972, 1973 и 1995), е продолжение на фантастичната серија резултати сезонава во ЛШ, во која стартуваше уште во квалификациите. По натпреварите во групната фаза, во нокаут- рундата Ајакс елиминира два големи фаворита, најпрвин Реал, потоа и Јувентус. Сега на ред дојде Тотенхем, кој по долги 57 години првпат е во едно европско полуфинале и дуелот против Бенфика во 1962 година.

Младиот состав на Ајакс покажа класа и тактичка зрелост во многу битен натпревар и, по сѐ, нема да биде никакво изненадување ако на крајот ја освои и титулата. На возраст од само 19 години и 261 ден, центархалфот на Ајакс, Матијас де Лихт, стана најмладиот фудбалер капитен на еден тим во полуфинале на ЛШ. Де Лихт одлично командуваше со одбраната, а во средниот ред „главен“ беше Матијас де Јонг, играчот на мечот, кој имаше 65 успешни додавања и 97 допири со топката, најмногу од сите фудбалери на теренот. Одличен меч одигра и Србинот Душан Тадиќ, кој сезонава има создадено 32 шанси, најмногу од сите.

Тотенхем, во чии стартни 11 имаше четворица поранешни играчи на Ајакс (Тоби Аледервирелд, Јан Вертонген, Дејвисон Санчез и Кристијан Ериксен), на овој меч не можеше да смета на двајцата клучни напаѓачи Хари Кејн (повреда) и Хеунг-М ин Сон (суспензија), што се покажа како ненадоместливо. На Тотенхем сега му претстои тешка задача да ја надомести негативата од еден гол во реваншот. Како поради неиграњето на Кејн, можеби и на Вертогнен, кој претрпе силен удар во главата во првото полувреме, потоа колабира и мораше да го напушти теренот, така и поради статистиката. А таа покажува дека во историјата на КЕШ/ЛШ, само една од 17 екипи што го загубила првиот полуфинален дуел се пласирала во финалето. Тоа му успеало само на Ајакс во 1996-та, кога по поразот дома од Панатинаикос (0-1) во реваншот славеше со 3-0!

Менаџерот на Тотенхем, Маурисо Почетино, призна дека направил некои тактички пропусти, особено во првиот дел (почна со петмина играчи во задниот ред), но и најави дека ништо не е готово и оти неговиот тим не треба да се отпишува прерано.

– Ќе биде тешко во реваншот за нас, но и за нив. Сѐ е отворено, ќе се обидеме да победиме – изјави Почетино.