Асгар Фархади е претседател на жирито во Сараево

142

Организаторите на 24-от „Сараево филм фестивал“ објавија дека еден од најзначајните филмски творци на денешницата, двократниот оскаровец Асгар Фархади, ирански режисер и сценарист, ќе претседава со жирито на натпреварувачката програма на игран филм. Годинашниот филмски фестивал во Сараево ќе се одржи од 10 до 17 август.
Публиката на фестивалот во рамките на програмата „Опен еар“ ќе има можност да го погледне Фархадиевиот најнов филм „Секој знае“ со Пенелопе Круз и со Хавиер Бардем, кој свечено го отвори 71-от „Кански филмски фестивал“ во почетокот на мај.
„Секој знае“, осмиот филм на Фархади, целосно снимен на шпански јазик на Пиринејскиот Полуостров, е приказна за Лаура, која живее со сопругот и со децата во Буенос Аирес. Кога се враќаат заедно во своето родно село во Шпанија за семејната прослава, неочекуван настан го менува текот на нивниот живот. Семејството, неговите врски и моралните избори наметнати врз нив се во срцето на заплетот, како и во секое од сценаријата на Фархади.

„Секој знае“ е психолошки трилер, а покрај шпанската ѕвездена двојка Пенелопе Круз и Хавиер Бардем игра и Рикардо Дарин од Аргентина. Како и обично, Асгар Фархади работи со првокласен тим: Хозе Луис Алкаин е директор на фотографија (редовен соработник на Педро Алмодовар, Карлос Саура и Бигас Луна), костимографка е Соња Гранде („Полноќ во Париз“ од Вуди Ален, „Другите“ од Алехандро Аменабар) и иранскиот монтажер Хаједех Сафијари со кого ја продолжува долгата и плодна соработка, откако заедно работеа на четири од неговите филмови, меѓу кои и неговите два филма со „оскар“.
Во изминатата деценија, Асгар Фархади брзо се етаблира како еден од највлијателните и меѓународно признаени режисери на Иран, како за неговите напнати и вешто напишани сценарија, така и за виртуозноста на неговиот реализам во режијата.
На Берлинале во 2011 година „Разделба“ ја освои „златната мечка“, а потоа освои и „златен глобус“, „цезар“ и „оскар“ за најдобар странски филм. Фархади со „Минато“ во 2013 беше во селекцијата на Кан, а „Продавач“ во 2016 година исто така освои „оскар“ за најдобар странски филм.