Арсенал имаше сѐ, но не победи

855

Арсенал 80 минути играше со фудбалер повеќе, гостите немаа ниту тренер на клупата, лондончани имаа посед на топката од 72 отсто (85 отсто во вториот дел), упатија 28 удари на голот (Атлетико шест), но полуфиналето во Лига Европа заврши со реми, 1-1

Арсенал имаше играч повеќе дури 80 минути на мечот против Атлетико (1-1, стрелци Лаказет во 61-та за Арсенал, Гризман во 82. минута за Атлетико), по исклучувањето на Шиме Версаљко во 10-та минута (два жолти картона, во втората и во 10-та минута), но и покрај тоа не успеа да триумфира во првиот полуфинален меч во фудбалската Лига Европа (ЛЕ). Хрватот Версаљко влезе во неславната рекордерска книга на ЛЕ како прв играч што добил втор жолт картон само по девет минути и девет секунди игра.
Да бидат поголеми неволјите за гостите од Шпанија, судијата набргу потоа го исклучи и го испрати на трибините и тренерот Диего Симеоне, кој постојано протестираше. Но одбраната на Атлетико, на чело со словенечкиот голман Јан Облак, кој сезонава прими само четири гола на домашен терен во шпанскиот шампионат (вкупно 18 на 34 натпревари), повторно беше на високо ниво.

Арсенал имаше посед на топката од 72 отсто (85 отсто во вториот дел), упати 28 удари на противничкиот гол (Атлетико шест), но и тоа не беше доволно за победа. Атлетико ремизира и на третото гостување во Англија, претходно против Лестер лани во четврт-финалето и годинава со Челси во меч од групната фаза во ЛШ. На Атлетико му лежат англиските тимови против кои во нокаут-фазата добил седум од деветте пресметки.
Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал во оставка, најверојатно ќе нема шанса третпат во кариерата да ги предводи „топчиите“ во едно европско финале и да се бори за прв трофеј. Арсенал со Венгер ги загуби претходните две финалиња, во Купот на УЕФА во 2000 година, од Галатасарај (1-4, на пенали) и во Лигата на шампионите (ЛШ) во 2006-та, од Барселона (1-2).

– Ова е најлошиот можен резултат ако се имаат предвид нашата игра и случувањата на теренот. Имавме шанси да победиме со пристојна разлика, но не ги искористивме шансите. Нивниот голман беше одличен, многу добро се бранеа, а постигнаа гол од една полушанса. Но мораме да останеме позитивни и да се надеваме на поволен исход во Мадрид – изјави Венгер по мечот, додавајќи дека има чувство како неговиот тим да бил поразен. 


Во дуелот на квалификантите, Марсеј се доближи до финалето

Во второто полуфинале во фудбалската Лига Европа (ЛЕ), Марсеј го совлада Салцбург со 2-0 (Товен 15, Нџие 63). Димитри Паје асистира при постигнувањето на двата гола и сега има вкупно шест асистенции сезонава во ЛЕ, најмногу од сите. Ова беше осма победа на последните девет меча на домашен терен за Марсеј во ЛЕ, кој сезонава во оваа конкуренција постигна 34 гола. Стрелецот на првиот гол, Товен, има 22 гола (плус 12 асистенции) сезонава во сите конкуренции.
Салцбург и Марсеј играа во иста група сезонава, австрискиот тим победи дома, а на гостувањето одигра без голови. На Салцбург му претстои тешка задача да ја надомести негативата од два гола во реваншот на 3 мај, но надеж и верба секако му е четврт-финалето, во кое во првиот меч загуби со 2-4, а во реваншот триумфира со 4-1.
И Марсеј и Салцбург сезонава до полуфиналето стигнаа играјќи прво во квалификациите за ЛЕ. 


ЛИГА ЕВРОПА, ПОЛУФИНАЛЕ

Арсенал – Атлетико 1-1
Марсеј – Салцбург   2-0

реваншите се в четврток