Арата Исозаки – добитник на најважната архитектонска награда

116

Големиот јапонски архитект Арата Исозаки, кој на пошироката публика ѝ е најпознат по Музејот на современа уметност во Лос Анџелес и по концертната сала на надувување што ја обликуваше во 2013 година со Аниш Капор за потребите на турнеите во деловите од Јапонија настрадани во цунамито во 2011 година, е добитник на најважната архитектонска светска награда „притцкер“.

На изборот на неговата професија влијаело местото на раѓање. Имено, роден е во местото Оити и кога имал само четиринаесет години, бомбардирани се Хирошима и Нагасаки.

– Кога бев доволно голем да го разберам светот, мојот роден град беше срамнет со земја. Преку брегот, атомска бомба е фрлена на Хирошима, имаше само урнатини, немаше архитектура, градби, ниту град. Имаше само бараки и засолништа што ме опкружуваа. Така што моето прво искуство во архитектурата беше празнината на архитектурата и почнав да размислувам како луѓето би можеле повторно да ги изградат домовите – вели Исозаки.

Тој потоа посакал да го запознае светот и до триесеттата година десет пати ја обиколил Земјината топка. Сето тоа влијаело на неговата архитектура.

– Сакав да го почувствувам животот на различни места, да го посетам исламскиот свет, селата далеку во планините на Кина, метрополите во Америка. Цело време притоа се прашував што е архитектурата – се потсетува лауреатот на наградата.

Меѓу неговите најрани дела од 1960-тите години се оние настанати во родниот град Оити, меѓу кои е и градската библиотека. Бидејќи кариерата ја започнува во повоеното време требало непрекинато да се приспособува.

– Решававме различни проблеми и не можевме да пронајдеме единствен стил. Промената стана константа. Парадоксално, тоа стана и мој личен стил – вели 87-годишниот архитект.

Инаку прв учител му бил Кензо Танге, нам најпознат по обновата на Скопје по земјотресот. Работел во Гунма и во Фукуока, по што го канат во Лос Анџелес, каде што во осумдесеттите години работи во Музејот на современа уметност. Автор е на градбите: „Палау Сант Јорди“ во Барселона од 1992 г. за Летните олимписки игри, културниот центар „Шензхен“ во истоимениот град, „Алианс тауер“ во Милано, националниот центар „Љатар“, Концертната сала во Шангај и многу други.

Се занимава со урбанизам, кој е честа тема во неговите истражувања на најновиот развој на градовите во Кина и на Средниот Исток. Им помага на млади архитекти, а се занимава и со филозофија, визуелна уметност, дури и со филм.

Стивен Брејер, кој годинава претседаваше со доделувањето на наградите „притцкер“ рече: „Исозаки е пионер во промислувањето на фактот дека архитектурата истовремено е и глобална и локална. Градејќи го својот архитектонски опус, учеше од целиот свет“.