Антиќ номиниран за тимот на деценијата во Евролигата

84

Правовремен поентер, предводник на екипата, мотиватор, се карактеристиките што го прават Антиќ еден од најхаризматичните играчи во историјата на ова европско натпреварување, се вели на официјалниот сајтот на Евролигата, која од вкупно 50, ќе ги избере 10-те најдобри на деценијата

Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Перо Антиќ, е номиниран меѓу 50-те кошаркари што конкурираат за влез во најдобриот тим на Евролигата, најквалитетното европско натпреварување изминатите 10 години (од 2010-та).
Антиќ играше пет сезони во Евролигата изминатава деценија, но ретко кој успеа како него да го максимизира тоа на теренот. Правовремен поентер под кошевите, предводник на екипата, мотиватор, се карактеристиките што всушност и го прават еден од најхаризматичните играчи во историјата на ова европско натпреварување, се вели при претставувањето на Македонецот на официјалниот сајтот на Евролигата.

Негови главни адути да се најде во тимот на деценијата се трите шампионски титули во Евролигата, прво две со грчки Олимпијакос (2012 и 2013 година), а потоа и со турски Фенербахче (2017), кога во финалето го победи токму неговиот претходен клуб Олимпијакос, како и тоа што е еден од четворицата кошаркари со освоени три континентални титули во минатата деценија (Димитрис Дијамантидис, Мајк Батист и Костас Слукас). Четири титули има Американецот Кил Хинс (по две со Олимпијакос и со ЦСКА Москва).

Антиќ е и првиот македонски кошаркар што се натпреваруваше во најквалитетната светска лига, НБА, откако две сезони го носеше дресот на Атланта хокс. По настапот за белградска Црвена звезда, Антиќ се повлече од кошарката во 2018 година.
Покрај него, од познатите кошаркарски имиња што се номинирани за влез меѓу 10-те најдобри на деценијата се и, на пример, Немања Бјелица, Лука Дончиќ, Андреј Кириленко, Серхио Љуљ, Ентони Рендолф, Луиџи Датоме, Кејт Лонгфорд, Костас Папаниколау, Руди Фернандез, Боган Богдановиќ, Хуан Карлос Наваро и други. 


Гласање во јануари

Во изборот на 10-те најдобри кошаркари на деценијата во Евролигата (без оглед на позицијата на која играле) ќе може да гласаат тренерите, играчите, навивачите и медиумите. Откако ќе бидат познати сите 50 номинирани кошаркари (до вчера беа објавени 42-та), гласањето ќе почне во почетокот на јануари.