Антиквизација

624

Кому му пречи името Македонија ако сета археологија низ Македонија е истетовирана со таа именка? Од која логика, етика, наука, право, историја произлегува дека единствено решение за Македонија е да не се вика Македонија? Зошто наеднаш, во краток временски период и со неверојатна честота, во Македонија дојдоа сите мешетари на разновидната гнасотија на политиката, така што тоа претставува рекорд на кој може да завидуваат и Вашингтон и Москва и Лондон и Париз…?

(Се јавувам од една непозната земја) – известување број 20/2

Не беше тоа одамна. Еден професор (можеби станува збор и за повеќе, но тоа сѐ уште не се знае), кој се занимава со политика, го употреби овој постмодернизам, со намера да омаловажи еден преродбенски градителски зафат во централното градско подрачје на главниот град на Република Македонија. Станува збор за дефинирање на обновата на градското јадро како антиквизација. Еден друг, кој исто така се одзива на титулата професор, но се занимава со политика, фрли анатема на познат термин во историјата на уметноста, сметајќи го непримерен за главниот град на Република Македонија. Ставот: За Скопје може сѐ, само барок не е апсолутно интересен за разгледување.

Не беше тоа одамна. Еден трет професор (веројатно има уште) го презеде терминот антиквизација како нешто што е лудо и романтично, но исто така дека тој акт во централното градско подрачје ги иредентизирал (да не беше иритирал) Грците, па тие поради тоа никогаш нема да нѐ пуштат во ЕУ, во НАТО и секаде низ светот, и дека сме готови и дека само што не сме готови и ние и идните генерации доколку не се согласиме дека нашето потекло е од комарците зад Карпатите. Да појдеме со ред.
Што е антиквизација?

Очигледно кованица, но како е скована оваа легура? На пример: АН ТИКВИ ЗА ЦИА? Или: АН ТИ КВИЗ а ЦИА? Или: АНТИК ВИЗА ЦИА? Или: …очигледно, многу варијации што би растеле доколку се вметне само темниот вокал…
Веројатно е полесно доколку се консултираме од речник, макар да видиме кој е авторот на овој неологизам. Ако ја користам чаршиската наука, доаѓам до авторот Бучко. Со Бучко игравме ракомет и мислам дека не треба да го оптоваруваме со таква измислица. Тој го исползувал овој неологизам, но подостарувањето сигурно доаѓа од друго време… Во историјата на архитектурата (се разбира западната) постои еден славен период, секако најславен и го има во книгите, како човештина и преродба. Во таа преродба има еден термин што во почетокот не е со позитивен предзнак кај критичарите, но потоа станува модус вивенди за дефинирањето на архитектурата на западната култура. Тоа е, тука е измислен неологизмот антиквизација. Со него се суди за вметнувањето римски и македонски (се извинувам – *грчки*) обрасци во градоградителството на италијанските, а потоа и другите западноевропски градови.

Сомничавоста спрема подостарувањето на градовите од 14 век во градови од 4 век пред Богомладенецот или 3 век по Богомладенецот прераснува во задолжително правило во европскиот просветителски 19 век! Значи Бучко не го внесува неологизмот антиквизација во светскиот вокабулар, но неговата заслуга се состои во следното. Тој додава во содржината на терминот и нешто што го нема во западноевропската претстава за подостарувањето… Овде мора да дојде пауза… и: Бучко додава страв! Бидејќи стравот има многу сенки, тој (природно) го додава стравот, кој се „имплементира“ по секоја школска клупа и е вешто засолнет во класичната северномакедонска реченица: „Немојте, да не се налутат Грците!“, со поднаслов „Оставете го минатото – напред кон посветла иднина!“ Но! Има нешто околу изнасилениот збор што преку политичката говорница влезе во оваа македонска секојдневност што бара дополнително размислување. ЕУ како автор на антиквизацијата (поточно некои од ЕУ) се загрижи за „состојбите во FYROM“ и покажа такво внимание за „застранувањето“ „Скопје 2014“ што произведе феномен скопскиот туризам да привлече повеќе туристи во Скопје отколку македонскиот во Охрид!? Споредете: ЕУ не покажа таква загриженост за крвопролевањата во 2001-та, а една бригада новинари известители-експерти се распишаа и назборуваа и насликаа за „Скопје 2014“, создавајќи атмосфера на нешто страшно, смешно и недоветно, кое го прават овие фиромци што потекнуваат од комарците зад Карпатите, а сега им крадат на благородните и богоугодни Грци! Навика. Навика… Или има нешто друго?

Прашањата навираат и едно од нив е одговорот. Зошто од половината на минатиот век стереотипот „оставете го минатото-напред кон посветла иднина“ станува единственото знаење што го одобрува македонскиот образовен систем? Дали македонскиот образовен систем е сочинет од македонски експерти или е внесен како готова матрица на почетокот на минатиот век од Австрија? Зошто минатото е најсериозната ставка во сите игри на западната култура, а само во Македонија е ограничено, забрането и непопуларно? Зошто сега ЕУ предлага законски мерки доколку истражувате подалеку од исконструираните „Словени“? Кому му пречи името Македонија ако сета археологија низ Македонија е истетовирана со таа именка? Од која логика, етика, наука, право, историја произлегува дека единствено решение за Македонија е да не се вика Македонија? Зошто наеднаш, во краток временски период и со неверојатна честота, во Македонија дојдоа сите мешетари на разновидната гнасотија на политиката така што тоа претставува рекорд на кој може да му завидуваат и Вашингтон и Москва и Лондон и Париз…? Дали кога и да е во осумилјадното сеќавање на Македонија се случила ваква навалица од политичари? Можеби кај баба Ванѓа, но во подолг временски период.

Сепак она што е за почит, она што Западот го пишува како ферплеј, треба да се истакне. Не е јужниот сосед тој што ја води играта! Тие што ја водат играта отворено ја кажуваат својата цел: предлогот Северна Македонија е само преодна фаза до северна без Македонија. И вака им велат на актуелните политичари што се занимаваат со политика во Македонија, цитирам: „Премногу ви е големо името…“ Мислам… Блаже рече такво нешто, но, како што е ред, западните сочинија своја верзија, зашто нивниот службен коине го дозволува тоа. Тие немаат историја. Тие имаат HIS STORY. И не се занимаваат со посветлата иднина. Сериозно работат како да остане како што беше.

А за барокот и за тоа дека сме готови и дека има едно и единствено решение во извештаите број 20/3 и 20/4.