Антетокумпо по стапките на Новицки, Дончиќ по тие на Гасол

184

За МВП на сезоната во НБА е прогласен Антетокумпо (Милвоки), а од Европа претходно ваква награда доби Новицки (во 2007 година). Дончиќ (Далас) е најдобриот дебитант, прв Европеец по Шпанецот Гасол (2002)

Грчкиот кошаркар Јанис Антетокумпо (24) од Милвоки е најкорисниот играч (МВП), а Словенецот Лука Дончиќ (20) од Далас е најдобриот дебитант во изминатава сезона во НБА-лигата. Ова е епилогот по прогласувањето на најдобрите кошаркари и спортски работници, кое се одржа два месеца по завршувањето на регуларниот дел на лигата. Од другите награди, за најдобар шести играч е прогласен Лу Вилијамс (ЛА Клиперс), тренер на годината е Мајк Буденхолцер (Милвоки)…

– Пред две години размислував дали ќе бидам МВП во лигата и дека ќе сторам сѐ што треба за да ѝ помогнам на мојата екипа Милвоки – изјави по примањето на признанието Антетокумпо, кој е третиот најмлад МВП-играч во последните 40 години, по Дерик Роуз и Леброн Џемс. Антетокумпо е вториот кошаркар од Европа што е прогласен за МВП на НБА. Германецот Дирк Новицки беше најдобар во сезоната 2006/2007, а други кошаркари што не се од САД и што биле прогласени за МВП се Нигериецот Хаким Олајџувон (1993/1994) и Канаѓанецот Стив Неш (2004/2005 и 2005/2006).

Дончиќ при гласањето доби дури 98 гласа од можните 100, а сезонава имаше просек од 20 поена, по пет скока и асистенции по натпревар, е петти во НБА-историја со ваков просек како дебитант.

– Имав верба во себе додека играв – рече Дончиќ.
Дончиќ е само четвртиот кошаркар што е прогласен за најдобар дебитант во НБА, а да не е од САД и првиот од Европа по пауза од 17 години, оти за сезоната 2001/02 за најдобар во таа категорија беше прогласен Шпанецот Пау Гасол (тогаш во Мемфис). Другите најдобри дебитанти што не се од САД се Канаѓанецот Ендрју Вигинс од Минесота за сезоната 2014/2015 и Австралиецот Бен Симонс од Филаделфија за сезоната 2017/2018. 


ДОБИТНИЦИ НА НАГРАДИТЕ ЗА СЕЗОНАТА 2018/2019
МВП Јанис Антетокумпо (Милвоки)
Дебитант Лука Дончиќ (Далас)
Одбранбен играч Руди Гобер (Јута)
Играч со најбрз напредок Паскал Сиакам (Торонто)
Шести играч Лу Вилијамс (ЛА Клиперс)
Тренер Мајк Буденхолцер (Милвоки)
Најборбен играч Маркус Смарт (Бостон)
Соиграч на годината Мајк Конли (Менфис)
Награда за спортско однесување Мајк Конли (Менфис)
Момент на годината Дерик Роуз (Минесота) 50 коша
Оперативец на годината Џон Хорст (Милвоки)
Награда за помош на заедницата Бредли Бел (Вашингтон)
Награда за животно дело Лари Бирд и Меџик Џонсон

НАЈМНОГУ МВП-ПРИЗНАНИЈА
Карим Абдул Џабар 6 1971, 1972, 1974, 1976, 1977, 1980
Бил Расел 5 1958, 1961, 1962, 1963, 1965
Мајкл Џордан 5 1988, 1991, 1992, 1996, 1998