Анатомија на наредната рецесија

167

Светската финансиска криза во 2008 година главно претставуваше голем негативен агрегатен шок на побарувачката, додека следната рецесија ќе биде предизвикана од постојани негативни шокови на понудата поради кинеско-американската трговска и технолошка војна. Обидот да се санираат штетите со бесконечни монетарни и фискални стимулативни мерки не е добра опција

Нуриел Рубини

Постојат три негативни шокови на понудата што може да предизвикаат глобална рецесија до 2020 година. Сите тие ги одразуваат политичките фактори што влијаат врз меѓународните односи: два ја вклучуваат Кина, а САД имаат централна улога во трите. Уште повеќе, ниту еден од нив не е подложен на традиционалните средства за контрациклична макроекономска политика.
Првиот потенцијален шок произлегува од кинеско-американската трговска и валутна војна, која ескалира неодамна откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се закани со дополнителни царини за кинескиот извоз и официјално ја означи Кина како валутен манипулатор.

Вториот шок се однесува на бавната студена војна меѓу САД и Кина за технологијата. Во ривалството што ги има сите обележја на „стапицата на Тукидид“, Кина и Америка се борат за доминација врз индустриите на иднината: вештачката интелигенција, роботиката, 5Г и слично. САД го ставија кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеи“ на „списокот на ентитети“, резервиран за странски компании што се сметаат за закана за националната безбедност. Иако „Хуавеи“ доби привремени отстапки, овозможувајќи му да продолжи со употреба на компонентите во САД, администрацијата на Трамп неодамна објави дека на списокот додава уште 46 разграноци на „Хуавеи“.

Третиот најголем ризик се однесува на снабдувањето со нафта. Иако цените на нафтата се намалија во изминатите неколку недели, а рецесија предизвикана од трговска, валутна и од технолошка војна би ја намалила побарувачката за енергенти, а со тоа и нивните цени, судирот на Америка со Иран може да има спротивен ефект. Доколку тој судир ескалира во воен конфликт, глобалните цени на нафтата би можеле драматично да се зголемат и да доведат до рецесија, како што се случи за време на претходните блискоисточни судири во 1973, 1979 и во 1990 година.

Сите три од овие потенцијални шокови би имале стагфлациски ефект, зголемувајќи ги цените на увезените производи за масовна потрошувачка, суровините, технолошките компоненти и на енергентите, а ќе го намали производството поради нарушувањето на глобалните синџири за снабдување. Уште полошо, кинеско-американскиот конфликт веќе го зајакнува поширокиот процес на деглобализација, затоа што државите и компаниите веќе не можат да сметаат на долгорочната стабилност на овие интегрирани вредносни синџири.

Бидејќи трговијата со стоки, услуги, капитал, труд, информации, податоци и технологија станува сè побалканизирана, глобалните трошоци за производство ќе се зголемат во сите индустрии. Уште повеќе, конфликтите околу трговијата и валутите, како и ривалствата околу технологијата, ќе се засилат.

Земете го на пример случајот со „Хуавеи“, кој во моментов е глобален лидер во 5Г-опремата. Оваа технологија наскоро ќе биде стандардна форма на поврзување во критичните компоненти од цивилната и од воената инфраструктура, а да не зборуваме за основните производи за широка потрошувачка, кои се поврзани преку револуционерниот интернет на нештата.

Присуството на 5Г-чип значи дека секој уред, од тостер до мелница за кафе, може да стане уред за прислушување. Ова значи дека ако „Хуавеи“ се смета за закана за националната безбедност, така би се перципирале и илјадниците кинески производи за широка потрошувачка. Едноставно е да се замисли како ситуацијата денес може да доведе до целосна експлозија на отворениот глобален трговски систем.
Значи, прашањето е дали монетарните и фискалните креатори на политики се подготвени за одржлив – па дури и постојан – негативен шок од снабдувањето.
По стагфлациските шокови од 1970-тите, креаторите на монетарната политика реагираа со затегнување на монетарната политика. Денес, меѓутоа, најголемите централни банки, како што се Федералните резерви на САД, веќе спроведуваат олеснување на монетарната политика, бидејќи очекувањата за инфлација остануваат на ниско ниво. Каков било инфлациски притисок од евентуален нафтен шок, централните банки ќе го сфатат само како ценовен ефект, наместо како постојан пораст на инфлацијата.

Со текот на времето, негативните шокови со снабдувањето, исто така, стануваат привремени негативни шокови на побарувачката, кои ги намалуваат порастот и инфлацијата, со намалување на потрошувачката и капиталните инвестиции. Навистина, под сегашни услови, американското и глобалното трошење на корпоративниот капитал е значително намалено, поради неизвесностите околу веројатноста, сериозноста и упорноста на трите потенцијални шокови. Всушност, во ситуација кога фирмите во САД, Европа, Кина и во другите делови на Азија ги намалуваат капиталните трошења, глобалниот технолошки, производствен и индустриски сектор веќе е во рецесија. Единствената причина зошто сево ова сè уште не се регистрира како глобален пад е што приватната потрошувачка и понатаму е силна.

Доколку цените на увезените стоки продолжат да се зголемуваат како резултат на кој било од овие негативни шокови на снабдување, реалната инфлација, приходите на домаќинствата, довербата на потрошувачите ќе бидат погодени и со тоа ќе ја приближат глобалната економија до рецесија. Имајќи го предвид потенцијалот од негативен агрегатен шок на побарувачката, централните банки со право ги намалуваат каматните стапки. Но креаторите на фискална политика, исто така, треба да подготват сличен краткорочен одговор. Остриот пад на порастот и на агрегатната побарувачка би барал контрациклично фискално олеснување за да се спречи влошување на рецесијата. На среден рок, оптималниот одговор не би значел прифаќање на негативните шокови за снабдување, туку приспособување на нив без понатамошно олеснување. Конечно, негативните шокови од снабдувањето од трговските и од технолошките војни би биле повеќе или помалку постојани, како и намалувањето на потенцијалниот пораст. Истото тоа важи и за брегзит. Поради напуштањето на ЕУ, Британија ќе се соочи со постојан негативен шок од снабдувањето и со тоа и трајно понизок потенцијален раст. Таквите шокови не можат да бидат спречени со монетарни или фискални политики. Иако може да се управуваат на краток рок, обидите за нивно приспособување трајно ќе доведе до инфлација и до зголемување на очекувањата за инфлација далеку над предвидените нивоа на централните банки. Во 1970-тите, централните банки се соочија со два големи нафтени шокови. Резултатот беше постојан пораст на инфлацијата и на очекувањата за инфлација, неодржливи фискални дефицити и акумулација на јавниот долг.
Конечно, постои важна разлика помеѓу глобалната финансиска криза во 2008 година и негативните шокови за снабдување што може да ја погодат глобалната економија денес. Претходната криза главно беше голем негативен агрегатен шок на побарувачката што ги намали порастот и инфлацијата и соодветно беше ограничен со монетарни и фискални стимулативни мерки. Но светот овој пат би се соочил со постојани негативни шокови од снабдувањето, за кои е потребен многу поразличен одговор кога станува збор за среднорочните политики. Обидот да се отстрани штетата преку бесконечни монетарни и фискални стимулативни мерки нема да биде разумна опција.

Авторот е американски економист, кој ја предвиде светската криза од 2008 г.