Американското повлекување ќе го координираат Турција, Русија и Иран?

147

САД се соочуваат со одредени тешкотии околу процесот за повлекување на војниците од Сирија. Сакаме да го координираме овој процес со Русија и Иран, со кои ја договоривме работата во рамките на процесот од Астана, порача шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу

Турција ги повика Русија и Иран да го координираат повлекувањето на американските војници од Сирија, за да се спречи терористите да го искористат испразнетиот простор. Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу оцени дека САД се соочуваат со проблеми околу повлекувањето од сириска територија.

– САД се соочуваат со одредени тешкотии околу процесот за повлекување на војниците од Сирија. Сакаме да го координираме овој процес со Русија и Иран, со кои ја договоривме работата во рамките на процесот од Астана – порача Чавушоглу.
Турскиот министер ја посети Москва кон крајот на декември, каде што разговараше за ситуацијата во Сирија. Тој вчера истакна дека се очекуваат и билатерални разговори помеѓу Турција и Иран. Истовремено, Чавушоглу откри дека се подготвува самит на трите земји, кој би требало да се одржи во Москва.

Турскиот предлог следува во период кога Анкара и Вашингтон водат остра војна на зборови околу повлекувањето на американските сили од Сирија. Американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон остро ја критикуваше авторската статија на турскиот претседател Ердоган за весникот „Њујорк тајмс“, оценувајќи ја како „навредлива и погрешна“. Болтон претходно побара од Турција безбедносни гаранции за сириските Курди, истакнувајќи дека тоа е предуслов за американското повлекување. Ердоган ги оцени барањата на Болтон како „голема грешка“. Тој исто така ја потврди посветеноста на Анкара во борбата против тероризмот во Сирија, истакнувајќи дека всушност сака да ги заштити „курдските браќа во соседната земја“.

Русија, заедно со Турција и со Иран, гарантира за примирјето во Сирија, кое е успешно имплементирано во повеќе региони низ земјата. Сепак, ненадејната одлука за повлекувањето на војниците од Сирија, кое во декември го најави американскиот претседател Доналд Трамп, беше дочекана во Москва со голема доза скептицизам, пренесува РТ.

– Во однос на повлекувањето на американските војници, не знам што е тоа. САД се во Авганистан веќе 17 години и речиси секоја година велат дека ги повлекуваат своите војници. Но тие сѐ уште се таму – порача неодамна рускиот претседател Владимир Путин.