Американски автомобил со германски дизајн – „норман тимбс спешл“

164

Американецот Норман Тимбс создал многу необичен и чуден автомобил. Тој бил дизајнер на возила за формула „Инди 500“, но исто така ги обожавал и германските тркачки автомобили од 30-тите години од минатиот век. Возилото претставено на фотографиите е навистина необична комбинација, која ѝ го привлече вниманието на јавноста уште кога беше дизајнирано, а уште повеќе кога беше покажано на повеќе телевизиски програми во САД.

Тимбс, кој патем работел во Лос Анџелес, е еден од првите луѓе што биле вклучени во креирањето на „тракер 48“ (олдтајмер) и тој го дизајнирал болидот „блу краун спешл“, кој успеал да победи на трките „Инди 500“ неколкупати.

Овој автодизајнер имал желба и идеја да создаде нешто ново и необично, па така со комбинирање на пасиите кон трките и старите германски „спидстери“ како „мерцедес бенц авус стромлајн“ од 1937 година, Тимбс создал неверојатен автомобил. Ова е возило што го создал комплетно рачно, го чинело навистина многу пари, а било целосно готово за дури неколку години.

На прв поглед, „норман тимбс спешл“ не изгледа како класичен олдтајмер. Делот од возилото што е наменет за патници е сосема поделен, дизајнот на каросеријата е футуристички и неконвенционален, а во неговиот преголем багажник се сместени сите неопходни делови за да функционира: резервоарот за гориво, задните тркала, резервна гума, а моторот од „бјуик стрејт-8“ е веднаш зад предните седишта. Автомобилот на Тимбс е толку моќен што би можел да бутка автомобил од 1 тон со брзина од 193 километри на час.

За да го задржи елегантниот изглед на возилото, Тимбс одлучил тоа да има врати, за разлика од првичната идеја единствениот начин за влегување би бил со прескокнување во кабината. Целосната каросерија е дизајнирана од алуминиум, а шасијата од челични цевки. Комбинацијата на браниците, предното ветробранско стакло, двојниот издув и светлата создаваат едно навистина уникатно возило. Иако може да се каже дека изгледа повеќе како глисер, отколку како автомобил, ова е „хот-род“, кој е навистина брз и моќен на патиштата.

И покрај тоа што „норман тимбс спешл“ се појави на многу познати телевизиски програми за автомобилизам, еден период не беше познато за јавноста што точно се случи со ова возило. Во минатото тоа беше купувано и продавано на различни мото-ентузијасти и често му беше менувана бојата. Во 2002 година било пронајдено во Калифорниската Пустина и купено од страна на Гери Цервени за само 17.600 долари поради состојбата во која се наоѓало.

Цервени веднаш целосно го реставрирал автомобилот поради фактот што 90 отсто од оригиналната каросерија останала недопрена. Редебитирањето на „норман тимбс спешл“ се случи во 2010 година, кога ја добило својата оригинална темноцрвена боја и без никаков проблем ја освоило наградата за најдобар кабриолет на повеќе натпревари.

„Норман тимбс спешл“ е само дел од стари и помалку заборавени олдтајмери, кои се реставрирани и вратени во своите оригинални состојби. Постојат и многу други вакви автомобили кои е можно да се вратат во првобитната состојба, а за нив се заинтересирани најбогатите колекционери на стари автомобили на светот.