Алжир ќе игра за втората, а Сенегал за првата континентална титула

74

Алжир и Сенегал ќе играат в петок во Каиро во финалето на 32-то издание на фудбалскиот Куп на нациите на Африка, што се игра во Египет. Алжир ќе игра за втората, а Сенегал за првата титула првак на Африка. Во мечот за бронзениот медал утре во Каиро ќе играат Тунис и Нигерија.

Во полуфиналето Алжирците ја победија репрезентацијата на Нигерија со 2-1, во меч во кој првиот погодок беше автогол, вториот беше постигнат од пенал, а третиот, за победа, на неколку секунди пред крајот на мечот. Сенегал, пак, во продолженијата славеше со автогол на селекцијата на Тунис.

Сенегал беше финалист во 2002 година, а има и три четврти места, во 1965, 1990 и во 2006 година. Алжир, пак, беше првак на Африка во 1990 година, финалист и во 1980 година, а има и две трети места (1984 и 1988 година).

Најтрофеен е Египет со седум титули, а потоа следуваат Камерун со пет, Гана со четири, Нигерија со три, Брегот на Слоновата Коска и ДР Конго со по две, а една, покрај Алжир, имаат и Замбија, Тунис, Судан, Мароко, Етиопија, Јужна Африка и Конго.

Алжир и Сенегал на овој Куп на нациите се сретнаа во групната фаза, кога во второто коло победи Алжир со 1-0.