Албанскиот рецепт да се примени и за обложувачниците во БиХ

74
Силното партиско лоби и отсуството на политичка волја им овозможи на обложувачниците повластена позиција

Властите на Федерацијата на БиХ не успеаја да ги стават обложувачниците во даночниот систем на државата

Некои од даночните експерти и политичари од Босна и Херцеговина предлагаат да се следи примерот на Албанија, која од Нова година воведе радикални мерки за ограничување на работата на обложувачниците и казината. Со законот што го донесе владата на Еди Рама, првиот ден од 2019 година беа затворени 4.300 објекти за организирање игри на среќа. На една обложувачница има по 670 Албанци, со што земјата се става на прво место на Балканот според остварениот промет во оваа дејност. Според статистиката, граѓаните годишно трошат по 150 милиони евра во обид да остварат некоја добивка. Албанските власти сметаат дека обложувачниците се виновни за сиромаштијата и ситниот криминал во земјата, како и за семејното насилство.

Во Босна и Херцеговина владее слична состојба кога е во прашање организирањето игри на среќа, но овде проблем претставува и тоа што властите на Федерацијата на БиХ не успеаја да ги стават обложувачниците во даночниот систем на државата. Поради поранешните обиди да се донесе Законот за игри на среќа, федералните власти со месеци беа блокирани. Исто така, тоа предизвика и поделба на партиите, а на една страна беше ХДЗ, а на другата се сите други партии.

Сабина Чудиќ, од Наша партија, за „Дневни аваз“ вели дека албанскиот рецепт може да се примени и во Босна и Херцеговина, но додава дека ова прашање се дели на две теми: за финансиска и за општествена корист.

– Првата тема се однесува на оданочувањето. Во овој бизнис се вртат големи пари, кои не се влезени во легалниот финансиски систем. Општествениот аспект е влијанието на обложувањето во однесувањето на луѓето. Обложувачниците се на места каде што не смеат да бидат, а во нив влегуваат и малолетници. Нашата партија би ја поддржала секоја регулатива за радикално ограничување на моќта на дејствување на обложувачниците и за драконско оданочување, што на крајот би резултирало со нивно гаснење – вели Чудиќ.

Пратеникот Исмет Османовиќ од СДА нагласува дека е потребно да се спречат сивата економија и извлекувањето на средствата од овој бизнис. Тој предлага да се воведе систем како што е практика во Европската Унија, а ако не се успее во тоа да се воведат мерки за целосна забрана за обложувањето на јавни места.

Пратеничката од СББ Азра Хаџиќ-Беќирпахиќ потсети на претходната иницијатива за регулирање на областа со игрите на среќа, што предизвика и блокада на парламентот на БиХ.

– Ова прашање треба да се решава чекор по чекор. Првиот чекор е да се направи даночен систем со која државата ќе има корист од обложувачниците. Секако, би гласала за предлогот за затворање на објектите за игри на среќа – вели таа.

Дамир Машиќ од СДП посочува на фактот дека некои поединци имаат голем интерес со тоа што обложувачниците имаат повластен статус во БиХ.

– Ова е штетна појава, која унесреќи многу фамилии. Можно е и воведување забрана или да се оданочуваат повеќе, но за тоа треба политичка волја. Гледате колку се бориме само да ги оданочиме како што треба. Огромни парични средства се извлекуваат од организирањето игри на среќа, а државата речиси нема никаква корист од тоа. Пред да се одлучиме за затворање на овие објекти, мораме прво да го воведеме даночниот систем за оваа дејност – вели Машиќ, за „Дневни аваз“.