Академијата Металург го одржа третиот семинар за своите тренери

62

Трите предавања, на темите работа со голмани, физичка подготовка и работа со млади категории ракометари, ги водеа Петар Мисовски, Сашо Голубовиќ и Данило Брестовац

Раздвижено беше викендов во салата „Автокоманда“ во Скопје. Ракометната академија Металург ги обнови договорите со своите школи од внатрешноста и го одржа својот трет едукативен семинар за сите свои тренери. Покрај 11-те школи во Скопје, ракометната академија Металург има десет гранки и во Охрид, Прилеп, Кичево, Кавадарци, Виница, Крива Паланка, Македонска Каменица, Берово, Кочани и во Пробиштип, каде што тренираат повеќе од 1.000 деца.

Во рамките на семинарот беа одржани три предавања, на темите: работа со голмани, физичка подготовка и работа со млади категории ракометари. На темата „голмани“, предавања со практични вежби презентира Петар Мисовски, тренерот на голманите на Металург, кој ги запозна тренерите со основните техники потребни за правилна работа со младите голмани, основните голмански поставувања и им посочи на најчестите грешки што ги прават почетниците. Кондицискиот тренер на Металург, Сашо Голубовиќ, зборуваше за физичката подготовка и основните вежби за правилен моторичен развој кај децата, кои преку ракометот почнуваат да навлегуваат во светот на спортот. Паралелно со предавањето беа презентирани и поделени видеоматеријали со вежби за координација, агилност, вежби за скочност и брзина (плиометрија) и вежби за истегнување.

Во рамките на едукативниот семинар, шефот на стручниот штаб на Металург, Данило Брестовац, ги истакна сопствените визии за работата со млади категории и сподели искуства од современите европски ракометни трендови, стекнати од неговата работа во Франција и во Луксембург. Меѓу другото, Брестовац посочи на кои елементи во работата треба да внимаваат тренерите во подигањето и тренирањето на младите ракометари, за во селекциите на Металург да пристигнуваат комплетни ракометари и ракометарки.