„Аида“ ја однесе публиката во древниот Египет

478

Со изведба на маестралното дело на Џузепе Верди, „Аида“, свечено се отворија 47-те „Мајски оперски вечери“ во Националната опера и балет. Салата беше исполнета со љубители на операта, кои имаа можност да му се препуштат на тричасовното уживање во феноменалната изведба на „Аида“, во продукција на „Карло Феличе“ од Џенова, под диригентската палка на италијанскиот диригент Енрико Довико.

Моќните гласови на Благица Поп Томова (Аида), Амади Лага од Франција / Тунис (Рамадес) и Ирена Кавкалевска (Амнерис) допреа длабоки емоции и, очекувано, предизвикаа восхит кај публиката и громогласни аплаузи во текот на целата претстава. Наедно, воодушевувачката кореографија на Луиза Балдинети со солистката Ивана Коцевска и машкиот балетски ансамбл на НОБ не остави никого рамнодушен во салата. Оваа поставка на „Аида“ понуди совршен флуид на модерното и класичното на сцената. Деликатните и автентични костими и шминка успешно го избришаа чувството на сегашност и овдешност и публиката имаше чувство дека патува назад во времето во древниот Египет. Дополнително силен ефект постигна и визуелната иновација со футуристичка и виртуелна сценографија, која на лесен и едноставен начин, преку 3Д проекции, ги носеше сите присутни на сцената и во публиката на едно егзотично патување.

Фестивалот за отворен го прогласи вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој во обраќањето истакна дека „Мајските оперски вечери“ покажуваат дека пред речиси половина век постоела свесност за безвременските пораки што ги носи операта и за вредностите на кои нè учи таа. Нагласи дека сме во ера на напредна технологија, но дека е важно враќањето на основата и посветеноста на културата – кон театарот, литературата, музиката и ликовните уметности.

И градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, зборуваше за достапноста на музиката што во секое време и место ја нудат модерните уреди, меѓутоа, рече, „ништо не може да го замени чувството на музика во живо и човечкиот глас“.


„Лебедово езеро“ со гости од Холандскиот балет

Во рамките на 47-те „Мајски оперски вечери“, в недела, во 20 часот, ќе биде изведен бисерот на балетската уметност и еден од најубавите балети во класичната уметност, „Лебедово езеро“ на Петар Илич Чајковски. Во улогата на Одета и Одилија, белиот и црн лебед, ќе настапи Маја Махатели од Грузија, додека во улогата на принцот Зигфрид ќе настапи Артур Шестериков од Русија, двајцата првенци на Холандскиот национален балет, со голема балетска кариера. Во улогата на Ротбарт ќе настапи Давиде Буфоне (Италија). Диригентка е Бисера Чадловска, кореографијата е на Виктор Јаременко од Украина, сценографијата на Андреј Злобин, додека костимографијата е на Гана Ипатиева. Националната првенка на Хрватска, Ирена Пасариќ, како главна репетиторка и педагог е задолжена за подготовките и пробите на балетскиот ансамбл. Настапуваат балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Маја Махатели во 2006 година стана дел од Државниот балет на Холандија, каде што денес е примабалерина. Во 2015 година ја доби наградата „Александра Радиус“ за особени достигнувања во балетската уметност. Артур Шестериков во 2007 година добива покана да стане член на Холандскиот национален балет, а набргу е прогласен за солист во овој признаен ансамбл.