Аграрниот министер го спречи формирањето агроберза во Македонија!

419

Во јануари 1999 година беа воспоставени дипломатски односи со Тајван. Три-четири месеци подоцна во Македонија дојде група од околу дваесетина тајвански стручњаци, кои имаа цел да се запознаат со расположивите ресурси за економски развој и да подготват програма за забрзување на економскиот развој на нашата земја, со ветената тајванска помош од милијарда американски долари. Спомнатата група ги посети сите региони во нашата држава, посветувајќи им посебно внимание на руралните средини и настапи со конкретни предлози: овде фарма за свињи, таму живинарска фарма, онаму фарма за крави итн. Докoлку постои елаборат или макар записник од предлозите на оваа група, добро би било истите тие да се проучат. Покрај тоа, спомнатата група имаше задача да предложи место каде треба да биде лоцирана индустриската зона во која би инвестирале тајванските компании.

Во Владата, поточно во кабинетот на тогашниот премиер Љ. Георгиевски, стапив на работа во средината на мај 1999 година. Набргу потоа кај мене дојде шефот на тајванската агенција за техничко-технолошки развој, Алек Ши, со порака да забрзаме со подготовката на проекти, кои би се финансирале со ветената тајванска помош. Имајќи предвид дека тие денови беше објавена информација дека индустриската зона ќе се гради во Бунарџик, го прашав соговорникот на основа на кои критериуми е избрана спомнатата локација за зоната. Неговиот одговор беше: „Зоната е само неколку километри оддалечена од аеродромот, покрај зоната поминува автопатот Е-75 и железничката пруга“. Веднаш ми беше јасно дека Кинезите (Тајванците) се мошне прагматични луѓе и на основа на нивната поука почнав да размислувам за формирање агроберза, која би била лоцирана покрај автопатот, наспроти скопскиот аеродром.

Локацијата би овозможила купувачите од земјите од регионот да се снабдуваат со разни земјоделски производи, а некои од нив би можеле да се транспортираат и со карго-авиопревоз. Оваа идеја му ја изложив на премиерот, кој ме задолжи идејата да им ја изнесам на тогашните министри за трговија, Н. Груевски, и за земјоделство, М. Ѓорчев. Средбата се одржа во Министерството за трговија. Уште на почетокот мојата идеја ја отфрли министерот за земјоделство, кој рече дека има идеја за формирање 5 агроберзи: во Струмица за градинарски култури, во Кавадарци за грозје и за вино, во Ресен за јаболко, на другите две, за жал, не се сеќавам. Наместо идејата за 5-те агроберзи на македонскиот аграрен министер, хрватскиот тајкун Ивица Тодориќ формира откупен центар за градинарски производи во Струмица. По избивањето на аферата со „Агрокор“, се откри дека оваа компанија има големи долгови не само спрема доставувачите од Хрватска, туку и спрема доставувачите од Србија и од БиХ, но, во медиумите немаше информација дали „Агрокор“ им должи и на македонски компании.

Приказната со агроберзите не завршува тука. Во почетокот на летото 2002 година во македонската амбасада во Варшава, по телефон се јавија потпретседателот на македонската влада З. Крстевски и министерот за зeмјоделство М. Ѓорчев. Информираа дека се дојдени во Варшава, дека се сместени во хотелот „Шератон“ и дека можам да ги посетам. На средбата во спомнатиот хотел напоменаа дека се дојдени да се запознаат со работата на варшавската агроберза, напоменаа, исто така, дека имаат договорена средба со некој посредник што нуди мошне поволни кредити од шведски банки. Соговорниците ги запознав дека човекот со кој треба да се сретнат, пред неколку седмици, ја посети македонската амбасада во Варшава и се понуди да посредува во обезбедување поволни кредити за Македонија од некои шведски банки, на што, му одговорив дека странските кредити се добредојдени во нашата земја, но, само доколку странските партнери не бараат државни гаранции, бидејќи во тоа време постоеше препорака на Светскaта банка Македонија да внимава со давањето државни гаранции, бидејќи тие носат потенцијална опасност за презадолжување на државата. Соговорниците рекоа дека сепак ќе се состанат со посредникот, со напомена дека јас не треба да учествувам во разговорите!

Наредниот ден заедно отидовме во посета на Варшавската агроберза, која е лоцирана на дваесетина километри од Варшава. Со директорот на агроберзата имавме мошне интересен разговор, во кој тој ги запозна гостите дека за време на сезоната секој ден во агроберзата влегуваат и излегуваат по 10.000 камиони и дека на агроберзата земјоделски производи купуваат не само купувачи од Полска, туку и од соседните земји, Белорусија, Русија, Украина и други земји.

На крајот би сакал да апелирам до Владата, посебно до аграрниот министер, да ја разгледаат можноста за формирање агроберза, која би можела да има регионален карактер, на која со земјоделски производи би се снабдувале како домашните купувачи, така и купувачите од земјите од регионот и пошироко. Доколку агроберзата биде лоцирана близу аеродромот, некои земјоделски производи би можеле да се транспортираат и со карго-авиопревоз. Агроберзата би овозможила увид во прометот со земјоделски производи, би придонела за спречување или макар за ограничување на можноста „кајмакот“ од прометот со земјоделските производи да го собираат прекупувачите, а на купувачите од земјата и од странство би им се овозможило да се снабдуваат со сите производи за кои се заинтересирани од едно место, без да одат до поодделните производни аграрни центри во државата!

Авторот е поранешен дипломат