Автомобилот на „Каресто“ е бетмобилот во реалноста

158

Уште од 2005 година, со филмот „Бетмен бегинс“ на Кристофер Нолан, автомобилските ентузијасти што го обожаваат суперхеројот Бетмен беа желни да видат целосно функционален бетмобил во реалниот живот. Истиот ефект беше постигнат со трилогијата видеоигри „Бетмен Аркам“. Интересните дизајни, софистицираниот изглед и разновидниот избор на оружја што може да се користат преку бетмобилот секогаш го привлекуваа вниманието на филмските ентузијасти и љубителите на стрипови со ликот Бетмен. Има неколку автомобилски фирми што се обиделе да ги рекреираат автомобилските креации на Бетмен, се разбира без да вклопат оружја во нивните автомобили.

Во филмот „Бетмен бегинс“,можеше да се забележи како Бетмен со својот автомобил „тумблер“ се движи низ улиците на Готам. Во некои случаи возилото беше прикажано како високоиздржливо возило. Имаше способност да одбива куршуми или со својата сила да пробие ѕид без да му се случи нешто на автомобилот. За жал, овие карактеристики не се дел од реалноста, кога станува збор за реплицирање на креациите како бетмобилот. Автомобилските компании повеќе се насочуваат на тоа што реално може да се постигне и полесно, најчесто во рангот на брзината и дизајнот.

Шведската автомобилска компанија наречена „Каресто“ им овозможи на ентузијастите да видат целосно функционален бетмобил „тумблер“. За да се оствари овој сон на Бетмен, помогнаа ентузијастите и автомобилскиот гигант „Ламборгини“. Тимот на „Каресто“ всушност за автомобилот „тумблер“ не бил инспириран од филмот на Кристофер Нолан. Нивниот „тумблер“ е инспириран од верзија што ја има во видеоиграта „Бетмен Аркам Кнајт“. Она што го прави посебен „аркам кнајт тумблер“ е фактот што всушност користи погонски мотор од „Ламборгини“, познат како „галардо ЛП 560-4“, заедно со неколку други делови, како резервоарот за гориво, инструментите и некои компоненти за суспензија. Овој автомобил во филмовите се прикажува како автомобил со разни напредни технолошки додатоци, кои му овозможуваат на темниот суперхерој полесно да се справи со непријателите. За жал, во вистинската верзија, „Каресто“ немаше можност да инкорпорира вакви работи во својот автомобил. Таа целеше да ги прикаже брзината и стилскиот дизајн што овој автомобил ги нуди во филмот.

Самиот автомобил има посебна многу цврста тубуларна шасија, со рамка што му овозможува на „тумблер“ да биде навистина добар автомобил за ракување и маневрирање. Сите панели на телото што го сочинуваат овој автомобил се направени од лесни, но исклучително силни јаглеродни влакна. Автомобилот поседува независна суспензија што е поврзана со две виљушки, попречно поврзани со специјално дизајниран алуминиум. Овој бетмобил има неверојатен ентериер, со седишта прекриени со црна мека кожа и проѕирна ткаенина, која е зашиена со конец со златна боја. Кабината на кокпитот се отвора електрично. Кабината на автомобилот ги има сите карактеристики што сакате да ги видите во еден бетмобил, додека серво-управувачот и моќниот звучен систем само го прават овој автомобил уште повпечатлив. Автомобилот поседува 5,2-литарски В10 мотор „ламборгини“, кој произведува 559 коњски сили. Поседува погон на сите четири тркала преку седумбрзински менувач со двојна спојка.