Австралиските весници здружено против цензурата

33

Најголемите ривали меѓу австралиските печатени медиуми здружено излегоа со затемнети насловни страници поради ограничувањето на медиумските слободи во земјата. Кампањата на весниците ја поддржаа и повеќе ТВ, радио и интернет-медиуми во Австралија.

Повеќе изданија на весниците во Австралија вчера на насловните страници наместо статии и фотографии објавија затемнети текстови со ознака „тајна“, како официјалните тајни документи, во знак на протест против законите за кои новинарите велат дека ги задушуваат новинарските слободи и создаваат „култура на тајност“ во земјата. Мајкл Милер, директор на „Њуз корп“, објави фотографија од „цензурираните“ весници, нагласувајќи дека секогаш кога се воведуваат нови забрани, Австралијците треба да се запрашаат што сакаат да скријат властите од нив. Лиза Дејвис, директорката на главниот медиумски ривал „Најн“, пак, порача дека ова не е кампања за новинарите туку за „демократијата во Австралија“. Истовремено, директорот на „Еј-би-си“ оцени дека Австралија ризикува да стане „најтаинствена демократија во светот“.

Владата тврди дека ги почитува медиумските слободи, но дека „никој не е над законот“. Премиерот Скот Морисон изјави дека слободата на медиумите е важна за демократијата во Австралија, но дека мора да се почитува владеењето на правото.

Упадот на полицијата во јуни во седиштето на „Еј-би-си“ и во домот на новинар на „Њуз корп“ од Австралија предизвика големи реакции. Медиумите во земјата јавија дека упадите се извршени поради објава на новинарски содржини, кои биле засновани на тајни информации од свиркачи. Едни се однесуваа на наводи за воени злосторства, а други на наводи дека австралиските власти сакаат да ги шпионираат граѓаните.