Фото: Маја Јаневска-Илиева

Помладите сигурно не знаат, но повозрасните, веројатно, ќе се сетат на индустрискиот комплекс, сега целосно запуштен, што се наоѓа на влезот на територијата на општината Градско, помеѓу патот и железничката пруга, веднаш до, исто така, запуштеното село Згрополци… Тоа некогаш беше познатата и единствена фабрика за производство на вештачко ѓубриво во Македонија, со уште попозната кратенка ХИВ (Хемиска индустрија Велес). Земјоделците, со носталгија, а некои дури и со трошка надеж дека би можела да се рестартира, ја споменуваа фабриката пролетва, додека се одвиваше најскапата сеидба досега… Фабриката, како што велат, на времето им обезбедувала квалитетни, лесно достапни и евтини вештачки ѓубрива.
Девастиран индустриски комплекс, педантно заштитен од пристап на потенцијални љубопитници со висока ограда од бодликава жица поставена на бетонски столбови од многу понов датум од самите градби што ги опкружува, поради што потсетува на некаква опасна и забранета зона слична на Чернобил, може подобро да се види, ако при патување кон југот на земјава, некој реши да ги одбегне патарините и по стариот пат тргне од Велес кон Градско.
Фабриката го прекина производството во јули 2003 година кога претпријатието влегло во стечај, а потоа, кон крајот на 2008 година, било продадено за 2 милиони и 250 илјади евра на скопска компанија. Оттогаш, некаде околу 2011 година, имало еден неуспешен обид за повторно воспоставување на производството на вештачки ѓубрива со користење на локацијата, дел од опремата и инфраструктурата на ХИВ и многу дилеми околу нејзиното влијание врз животната средина.

Целата сторија прочитајте ја во утрешното издание на „Нова Македонија“