Љубовта кон татковината и кон Македонците што живеат насекаде низ светот, сакајќи ја својата родна земја Македонија, претставуваше инспирација за новата песна на Сузана Јовчева, насловена „Македонија“. Таа е авторка на текстот и музиката, додека аранжманот е заеднички на сите изведувачи кои учествуваа во реализацијата на оваа нумера.

За снимањето и продукцијата се погрижија Јовчева, Ангел Ќосев и Александар Стефановски, а песната е снимена во студијата „Подрумот“ и „Alex Home Studio“ во Скопје. Јовчева, „Македонија“ ја исполнува заедно со едни од нашите најдобри музички уметници како што се Гоце Димовски, Гоце Узунски, Марјан Јовановски, Горан Гешовски, Ангел Ќосев, Илија Филиповски, Александар Стефановски и Перо Стефановски.

Дел од музичките уметници што учествуваа во снимањето се членови и соработници на
култната музичка група „Синтезис“ со којашто Јовчева соработува долги години наназад.

Емотивната експресија на моќната вокална интерпретација на Јовчева поврзана со силната ритмичка структура, хармонија и инструментална изведба на изведувачите кои учествуваа во снимањето на песната „Македонија“, има цел да ги освои срцата на сите љубители на убавата македонска песна и добриот звук.

Јовчева е професорка по музичка култура и има настапувано на речиси сите релевантни музички фестивали во Македонија како што се Фолк фест Валандово, Цветници, Мак фест, македонски избор за песна за Евросонг и други, добитник е на бројни музички признанија и награди, а многу пати има настапувано низ светот како соло-изведувач и како соработник на групата „Синтезис“ со којашто група неодамна беше на турнеја во Австралија.