Полицијата ширум светот ги предупредува луѓето да не го изведуваат „предизвикот на Кики“, откако повеќемина беа повредени при танцот инспириран од хитот на Дрејк „In My Feelings“, што стана популарен на Интернет.

Луѓето кои го изведуваат предизвикот излегуваат од автомобил во движење за да играат кога ќе ја слушнат популарната песна, додека возилото продолжува да се движи.

На дел од видеата објавени на Јутуб и на социјалните мрежи, се забележува како учесниците во предизвикот удираат во столбови, паѓаат од автомобилите и се повредуваат. На една жена и ја крадат ташната додека танцува, а друг маж добива удар од автомобил, што е прикажано на снимките.

Ваквиот тренд се појави откако комичарот Шиги објави видео на Инстаграм на кое се забележува како танцува на песната во која се слуша стихот „Кики дали ме сакаш“. Видеото набргу се прошири на социјалните мрежи, по што илјадници се обидоа да го копираат. Предизвикот го изведоа и славни личности како пејачот и актер Вил Смит и пејачката Сијара.

Полицијата во Индија, Шпанија, САД, Малезија и во Обединетите Арапски Емирати апелираше оти предизвикот е опасен и дека оние што го изведуваат ќе се соочат со обвиненија.