Унгарскиот премиер Виктор Орбан разговараше со познатиот американски актер Чак Норис за неговите политички ставови и за животот, кажувајќи му дека и тој е „уличен борец“, додека се возеа заедно во автомобил за да следат антитерористичка вежба во Унгарија, пренесува Јуроњуз. Орбан објави видео-снимка од нивното дружење на Фејсбук.

– Знаеш, јас всушност сум уличен борец. Не доаѓам од елитата. Јас потекнувам од мало село на 40 километри одовде – кажа Орбан.

Ѕвездата позната по акционите филмови со боречки вештини го спореди унгарскиот политичар со американскиот претседател Доналд Трамп, откако Орбан му посочи дека „либералите го мразат и оти 90 отсто од коментарите за него се негативни“.

Чак Норис е во посета на Унгарија, во рамките на иницијатива во добротворни цели. Гласноговорник на кабинетот на Орбан соопшти дека американскиот актер ќе одржи неколку презентации во Унгарија, потврдувајќи ја средбата со премиерот.