Во голема контролирана експлозија денеска се срушија остатоците од „мостот на смртта“ во Џенова, кој минатата година се урна пришто загинаа 43 лица.

Илјадници луѓе беа евакуирани пред серијата на експлозии која ги урна двете големи потпорни кули, изградени од околу 4.500 тони бетон и челик. Исто така, резервоари со вода беа поставени до кулите, како превенција од ширење на прашина.

Пожарникарите прскаа со вода за да ја намалат прашината предизвикана од експлозијата, но сепак огромен облак од прашина го помрачи сончевото небо.

Минатиот август, 43 лица загинаа откако дел од мостот се сруши и повеќе автомобили кои се движеа по него паднаа од висина од 45 метри. По овие настани, во италијанската јавност се отворија сериозни прашања за безбедноста на инфрастуктурата во земјата.

Мостот дизајниран од архитектот Рикардо Моранди, беше завршен во 1967 година, а реновиран во 1990-тите и повторно поправан во 2016 година.