Балтасар Ушка се соочува со бројни предизвици во текот на неговата работа на неактивниот вулкан Чимборасо, во составот на Андите во Еквадор, качувајќи се по планината барем двапати неделно, за да собира мраз, пренесува магазинот „Атлантик“

– Тоа е највкусниот мраз на Земјата, полн со многу витамини – вели Ушка, чие невообичаено занимање е претставено во документарниот филм насловен „Последниот трговец со мраз“.

Еквадорецот имал 15 години кога го изучил занаетот на собирање мраз од неговиот татко. Тој не се откажува од тешката работа, и покрај намалениот интерес за мразот од Чимборасо, педесет години подоцна.

Со височина од 6.310 метри, Чимборасо не е највисока планина по надморска височина, но, бидејќи лежи на екваторската испакнатина, нејзиниот врв е најоддалеченото место од центарот (јадрото) на Земјината топка, поради што го ословуваат и како „највисока точка во светот“.