Израелската претставничка Нета, со песната „Toy“, е победничка на 63-от избор за песна на „Евровизија“ што синоќа се одржа во Лисабон, Португалија.

Израел доби вкупно 529 поени од гласовите на гледачите и од стручните жири-комисии од сите 43 земји-учеснички, со што заврши пред Кипар кој имаше 436 поени, односно Австрија која собра 342 поени. Израел важеше за фаворит и во пресрет на натпреварувањето, заедно со Кипар и со Франција.

За време на финалето имаше инцидент, кога еден маж истрча на сцената во арената „Алтис“, земајќи го микрофонот од британската пејачка Сури. Таа, сепак, успеа да ја заврши изведбата на нејзината песна „Storm“. Организаторот потоа соопшти дека натрапникот е приведен.

Македонија, која беше претставувана од групата „Ај кју“ со нумерата „Lost and found“, не успеа да влезе во финалето.

Следниот избор за песна на „Евровизија“ ќе се одржи во Израел, во мај 2019 година.