Откако ја извлече на брегот запленетата нарко-подморница, што ја откри во непосредна близина на Понтеверде, во Галиција, шпанската полиција утврдила дека во неа имало повеќе од три тона кокаин, што е количество поголемо од тоа што првично се претпоставуваше.

Во подморницата долга околу 20 метри, биле пронајдени 152 пакети со повеќе од 3.000 килограми кокаин, чија вредност на црниот пазар изнесува повеќе од сто милиони евра, пренесе весникот „Ел Паис“.

Владиниот делегат во Галиција, Хавиер Лосада, истакна дека ова воедно е и првата нарко-подморница пресретната во водите на ЕУ.

-Тоа беше историска операција бидејќи за првпат пловило со таква намена е откриено во Европа – рече Лосада.

Тој се заблагодари на помошта од владите на САД, Велика Британија, Бразил и Португалија.

Лосада наведе дека уапсени се двајца членови на екипажот со потекло од Еквадор, додека за третиот член, шпански државјанин, сѐ уште се трага.

Тој исто така изјави дека подморницата имала резервоар за гориво за да го мине океанот и предупреди дека шверцерите со дрога и натаму ја внесуваат дрогата во Европа користејќи различни видови пловила.