Меланија Трамп насмеана ја пречека божиќната елка која за нејзиното семејство ќе биде последна во Белата куќа. Првата дама во заминување беше без заштитна маска.

Украсувањето на Белата куќа ќе биде нејзината последна голема обврска како прва дама пред Џил Бајден да ја преземе улогата во јануари, пренесуваат светските медиуми.

Годинава, претседателската резиденција ќе ја краси елка четинар висока речиси шест метри, снабдена од компанијата „Ден енд Браун трис“ од Западна Вирџинија.

Под звуци на божиќни мелодии на воен оркестар, дрвото беше донесено до северниот трем на Белата куќа на коњска запрежна кола. Изборот на елката за Белата куќа од 1969 година го прави специјална асоцијација.

Со пристигањето на елката започнуваат и годишните празнични настани во Белата куќа. Неделава треба да се изврши и уште еден празничен обред: симболичното помилување на мисирка од страна на претседателот на САД.