Јанг Каили помина пет дена во притвор поради нејзината шеговита верзија на кинеската химна

Јанг Каили (20) испеа сопствена шеговита верзија на кинеската химна, мавтајќи со рацете како да диригира со оркестар и смеејќи се во камерата, додека носеше венче со кадифени рогови на главата, како што се забележува во видеото објавено на Интернет, пренесува „Њујорк тајмс“.

Но, шегата на кинеската интернет-ѕвезда, чии видеа ги следат десетици милиони обожаватели, не им се допадна на сите. Таа помина пет дена во притвор, откако полицијата реагираше поради нејзиното непочитување кон химната.

Властите во Шангај преку соопштение го опишаа однесувањето на девојката како „навреда за достоинството на химната, кое ги згрозило интернет-корисниците“. Јанг била притворена во согласност законите кои се однесуваат на химната, воведени минатата година, според кои на луѓето што покажуваат непочит кон кинеското национално обележје им се заканува затворска казна до три години.

Кинеската стриминг-платформа „Хуја“ го избриша профилот на Јанг и ги тргна сите нејзини видеа од Интернет, по инцидентот. Младата девојка, пак, се извини за нејзините „глупави грешки“ преку социјалната мрежа „Веибо“.