Панчо и Андреј од дуото „ДНК објавија нов видеоспот за песната насловена „Ние“, зад која стои авторскиот тандем – Лазар Цветкоски и Панчо. Музиката е нивно заедничко дело, текстот е на Панчо, додека аранжманот е на Лазар. За мастерингот, пак, се погрижи познатиот Крис Герингер, од студиото „Стерлинг саунд“од Њујорк. Герингер во својата биографија има запишано соработки со Дрејк, Карди Б, Ријана, Лејди Гага, Ву Танг Клан и многу други.

Интересно е дека и ова видео Панчо и Андреј го работеа со режисерот Даниел Јовески, кој вели дека се потрудил самата приказна да го следи текстот на оваа емотивна композиција.

– Сторијата на песната и на спотот ни ја опишува осаменоста помеѓу четири ѕида, прогонувањето на спомените од минатото. Тие се уште посилни кога се ставени на фотографии преку кои Панчо патува низ сеќавањата, во времето кога биле среќни со саканата – открива Јовески.

Кадрите се снимени на луксузни локации во Турција, односно во хотел во Анталија и во амфитеатарот во Сиде. Главните улоги во спотот им се доверени на водителката Миа Костова, која првпат се појавува во музички спот, и Хаки Алан, а целата атмосфера, велат момците, поминала во одлично расположение.

– Во Турција престојувавме седум дена, па снимањето навистина не го ни почувствувавме. Сè помина во релаксирана атмосфера, а кога се работи од срце и со позитивна енергија тогаш нема сомнеж дека се добива одличен финален производ. Навистина веруваме во оваа тема и убедени сме дека многумина ќе се пронајдат во стиховите – велат Панчо и Андреј.