Група актери денеска спроведоа акција за чистење на дворот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје со цел подигнување на свеста на граѓаните и нивната одговорност кон животната средина.

Актерката Сања Арсовска од Драмскиот театар изјави дека сезоната во театрите завршила, имаат слободно време, одлучиле да го искористат корисно и да бидат општествено одговорни.

– Одлучивме да почнеме една летна акција во која секоја недела на различни критични места ќе се појавуваме и ќе го собираме ѓубрето. Целта на оваа иницијатива е да ја потикнеме совеста кај несовесните граѓани и нивната одговорност кон животната средина. Ќе се обидеме да направиме ревизија на тоа што го направила „Комунална хигиена“. Ако завршиме за брзо време ќе се префрлиме на некое друго место- рече Арсовска.

Додаде дека целта не им е да се натпреваруваат со претпријатието „Комунална хигиена“, туку како уметници кои имаат должност да бидат општествено одговорни, целта им е да им укажат на граѓаните да имаат поголема еколошка свест.