Младенчето на заловената рисица Маја снимено на Стогово

766

Македонското еколошко друштво успеа да сними младенче рис на Стогово, со помош на една од поставените камери на планината, каде што од почетокот на годинава ја следат неговата мајка, заловената рисица Маја.

– Се изненадивме кога на една од камерите забележавме видео од малото
рисче на Маја, која ја следиме од февруари годинава. На снимката направена
од нашата камера се гледа дека малото рисче старо шест месеци, има
добар апетит и јаде срнечко месо донесено од неговата мајка. Доколку имаме среќа можеби и ќе го заловиме со ГПС-околувратник и ќе ги следиме неговите движења, со цел да откриеме како младите рисови наоѓаат нови територии и кои патеки ги користат – изјави Диме Меловски, раководител на програмата за зачувување на балканскиот рис во Македонско еколошко друштво.

Младенчето веројатно ќе биде придружувано од неговата мајка се додека не наврши 10 или 11 месеци.

Годинава ја одбележаа неколку непријатни инциденти поврзани со балканскиот рис. Смртта на рис најден на Косово, пожарите на планината Мунела во Албанија и прегазената женка рис на патот Кичево-Охрид во Македонија. Иако ваквите инциденти можат да бидат погубни за малите популации, сепак, балканскиот рис добро се држи. Доказ за тоа е младото рисче снимено на Стогово.

По непријатната вест за прегазениот рис во Македонија, неодамна, МЕД реагираше до надлежните министерства и потсети дека автопатите без зелени мостови ќе бидат погубни за животните коишто по потрага за храна или парење често пати се принудени да ги користат. За прегазениот рис критична точка на патот Кичево-Охрид беше меѓу Песочани и Ботун, каде што е Славеј Планина и каде што нема ниту тунели, ниту вијадукти.

Балканскиот рис е ставен на листата на критично загрозени животни според Интернационалната унија за заштита на природата (ИУЦН). Според тимот кој 12 години работи на проучувањето и заштитата на ова животно, на просторот на
југозападен Балкан нема повеќе од четириесетина возрасни единки од ова животно.

Програмата за закрепнување на балканскиот рис е комплексен долгогодишен проект кој во континуитет веќе 12 години работи на заштита на балканскиот рис во
Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора. Оваа прекугранична соработка е со
експертска поддршка и помош од страна на невладини организации од Швајцарија и
Германија. Целата програма е финансирана од швајцарската фондација МАВА.