За најубавите фотографии секогаш е пресудна среќата

426

За најубавите фотографии секогаш е пресудна среќата, вели Горан Анастасовски за способноста да направи квалитетен портрет од животни, во видео-прилогот на Македонската радиотелевизија (МРТ) посветен на неговите фотографии. Нашиот колега раскажува за љубовта кон фотографијата, начинот на кој ги слика животните во скопската зоолошка градина, како и за фотографиите објавени во светските медиуми.

– Фотографијата ми е прва љубов, меѓутоа втора дејност. За најубавите фотографии секогаш е пресудна среќата. Но, научив и некои финти при фотографирање на животните. На пример, десетина минути ќе му зевам на лавот и тој ќе почне да зева. И мене ме изненади, но кога видов дека функционира сега на сите им зевам. И по пет минути ќе почнат и тие. Имам фатено животни што се пораѓаат, за што не знаат ниту вработените. Не знаев што пренесувам додека не почнаа да доаѓаат коментарите. Луѓето ми пишуваат дека немаат видено нешто слично, прашуваат каде се сликани фотографиите. Зачудени се кога ќе им кажам дека фотографиите се сликани во зоолошка, но на сите им се допаѓаат – објаснува Анастасовски.

„Неговите напати нестварни портрети влегуваат низ објективот во вашиот разум и никогаш не се повторуваат, туку секогаш се различни, иако сместени во истите ѕидови од кафезот. Спектакуларна серија од сепија која те тера одново да го пиеш секој нов детал. Години минати со леопарди, тигри, лавови… Овековечен, миг на грациозност, моќ, крик и повик кон дивината, пренесувајќи ја целата драматичност и моменти на грациозност и лојалност како да сме во срцето на Африка“ вели авторката на прилогот Ели Танасковска.