Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со веење на знамиња од Кастиљон Фиорентино, Италија, дефиле и настап на трубачи, денеска на плоштадот „Македонија” беше одбележан денот на Италијанската Република.

Настапот почна со дефиле на разнобојни знамиња кои парадираат високо во круг, а секое од нив го носеше грбот на градот. Вежбите и акробациите може да се изведуваат индивидуално, и тогаш доаѓаат до израз вештината и хармонијата на движења на вејачот, или групно, истакнувајќи го на тој начин духот на целиот тим. Дефилето започна од семафорите на улица „Македонија” во близина на „Рекорд”, сé до плоштадот „Македонија”, каде групата ќе го изведе својот настап пред јавноста. Веењето на знамињата, потоа ќе продолжи кон Старата скопска чаршија.

Веењето на знамињата меѓу кои и македонското, беше проследено со звукот на барабаните и трубите кои потекнуваат од средновековната воена традиција.

Историското друштво од Кастиљон Фиорентино заедно со нивните вејачи на знамиња, ја негува и претставува средновековната традиција која датира уште од 13 век, кога секаде низ Европа, а особено во Италија, важните настани, како завршеток на некоја битка или војна, биле прославувани со парада на војниците кои вееле знамиња.

Групата повторно ќе настапи вечерва од 22 часот, при што ќе оди од Камениот мост, па се до плоштадот „Македонија”, каде што поворката на вејачи на знамиња ќе ја има завршната изведба.