Фото: Маја Јаневска-Илиева

Петта година по ред, дневниот весник „Нова Македонија“ во рамки на Медиумскиот ден беше домаќин на три групи средношколци кои имаа можност да се запознаат со новинарите и начинот на нивната секојдневна работа.

Средношколците од скопската гимназија „Никола Карев“ и „Ванчо Прќе“ од Виница беа првата група која не посети, втората група ученици беа од гимназиите „Орце Николов“ од Скопје и „Кочо Рацин“ од Велес, а третата беа од гимназијата „Зеф Љуш Марку“ од Скопје и „28 ноември“ од Дебар.

Учениците во својата обиколка беа запознаени со основните карактеристики на печатените медиуми, начинот на функционирањето на дневните весници, како и со новинарскиот производ во печатените медиуми и нивната улога во општеството.

Идејата на оваа посета и воопшто на овој настан е средношколците да се запознаат со улогата на медиумите во општеството, начинот на кој функционира една редакција, како и со основните новинарски професионални стандарди.

Оваа година домаќини на отворениот медиумски ден, покрај дневниот весник „Нова Македонија“, се Институтот за комуникациски студии и кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај“, а е финансиран од Владата на Обединетото Кралство.

Во организација на Мрежата за медиумска писменост, од 22 октомври до 15 ноември  2019 година, се одржуваат Денови на медиумската писменост. На овој начин, нашата земја се вклучува во одбележувањето на осмата Глобална недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, која ќе се одвива од 24 до 31 октомври. Во текот на четири седмици, македонските граѓани ќе имаат можност да се вклучат во триесетина работилници, дебати, отворени денови и други настани фокусирани на различни аспекти од медиумската писменост.

Целта на Деновите на медиумската писменост, кои ќе се одржат под мотото: „Застани, размисли, провери!“, е да се подигне јавната свест за важноста на медиумската писменост, со неа да се запознаат различни категории граѓани од сите возрасни групи, така што ќе се овозможи деца, млади, возрасни и пензионери да се стекнат со вештини за медиумска писменост, да се обезбеди платформа за соработка, размена на искуства и развој на одржливи проекти за медиумската писменост помеѓу професионалците кои доаѓаат од различни општествени сектори на делување: јавни, приватни, државни, владини, невладини организации, индивидуалци и медиуми од Скопје, но и од други градови во земјата. В.Т.